Корупцијата како нерешлива енигма

Таква атмосфера и во Македонија доминира во заложбите за борба против корупцијата и криминалот, при што веќе и не остана многу од потрошената доверба во принципите на правната држава. Всушност, прашањето како функционира владеењето на правото кај многумина во Македонија сега предизвикува иронични коментари, па и чист потсмев.

329

Корупцијата е тешка болест, големо зло, против кое нема ефикасна борба без независни истражни органи кои ќе ги испутиваат злоупотребите пред сѐ меѓу највисоките носители на власта. Во рамки на ЕУ, која се соочува со растечки тренд на корупција, таквите сознанија моментно ги следат обидите да се сузбие отпорот и да се овозможи непречено функционирање на новите обвинители на Унијата.

Но проблемот засега и понатму се поврзува со беззабата реформа за која се залага Брисел, бидејќи на новите „наднационални“ обвинители на Унијата не им се дозволува да ги испитуваат злоупотребите и измамите во оние земји каде што тоа е навистина  потребно.

Досегашната работа на Европската канцеларија за спречување на измами (ОЛАФ), која се следи преку истраги на национално ниво во одделни земји, во голем број случаи зема долго време и со тоа ги намалува шансите за покренување обвиненија. Во помалку од половина од истрагите на ОЛАФ осомничените измамници биле обвинети, а крајниот резултат е дека помалку од една третина од средствата од ЕУ-фондови што биле исплатени врз погрешни основи и завршиле во погрешни џебови, се вратени назад.

Едно од најголемите откритија околу кои есеноска се крена голема прашина во ЕУ, беше обелоденето од другата страна на Атлантикот. „Њујорк тајмс“ објави истражувачка сторија за исплатувањата од европските земјоделски фондови која покажа на каков начин со средства од ЕУ-буџетот се збогатиле луѓе во кругот околу унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Преку брзо спроведена земјишна реформа во Унгарија по ефтини цени им е продадена земја на пријателите на Орбан, кои со тоа можеле да извлечат и големи добивки во форма на поддршка од ЕУ-фондовите за поддршка на земјоделието. Така е создаден еден нов, речиси „феудален поредок“ во вантрешноста на Унгарија, се разбира со злоупотреба на средствата на даночните обвзрници во ЕУ.

Ваквото коруптивно однесување на високо позиционирани личности во Унгарија наоѓа потврда во разни извештаи на меѓународни организации и институти. Но и во извештаите зад кои стои Европската комисија, каков што е случајот со најновото испитување меѓу стопанствениците меѓу ЕУ-членките, меѓу кои 63 отсто сметаат дека корупцијата е мошне раширена во нивните земји. Но сепак, станува збор за извесно намалување на негативните ставови, бидејќи пред шест години загриженост поради коруптивното однесување во економијата изразувале дури 75 отсто од стопанствениците во ЕУ-членките.

Перцепцијата дека корупција е вообичаена појава најмалку е присутна меѓу стопанствениците во Данска, Луксембург и Шведска, каде што загриженост изразуваат меѓу 16 и 30 проценти од испитаниците, додека во Унгарија така мислат 80 отсто од учесниците во испитувањето. Во земјите во Јужна Европа и на Балканот, на пример, во Бугарија, Хрватска, Романија и Грција, преку 90 отсто од стопанствениците ја доживуваат корупцијата како еден од најсериозните проблеми во општетсвото.

Но, фактот дека се потребни американски новинари за да ги разголат состојбите околу тоа како еден „изгниен“ систем може да функционира, зборува лошо за европските медиуми и нивните заложби да изстражуваат злоуптреби и корупциски скандали.

За волја на вистината за новинари во ЕУ, како што се покажа во последните години, тоа може да биде поврзано со големи ризици. Убиствата на новинири во Словачка и Малта јасно покажуваат колку опасно може да биде испитувањето на корупцијата која голта огромни средства од гигантските ЕУ-дотации. Тоа се случува во исто време кога државните обвинители не покажуваат посебно изразена енергичност за акција, или се пак премногу слаби да ги предизвикаат прекршителите на законот кои често имаат добри контакти со високите политички личности и други моќници.

Таква атмосфера и во Македонија доминира во заложбите за борба против корупцијата и криминалот, при што веќе и не остана многу од потрошената доверба во принципите на правната држава. Всушност, прашањето како функционира владеењето на правото кај многумина во Македонија сега предизвикува иронични коментари, па и чист потсмев.

Во секој случај, ЕУ од неодамна востанови обвинителство кое ќе може да зачекори внатре во земјите-членки и да изврши увид и контрола како функцонира користењето на парите од ЕУ-фондовите. Но проблемот моментно е во тоа што новите обвинители на ЕУ не можат да дејствуваат во две членки, во Унгариоја и Полска, каде што нивниот нагажман навистина е потребен. Некои членки, од кои тоа најмалку се очекувало, како, на пример, Шведска, долго време се спротиваствуваат на воведување на ваков независен истражен орган на Унијата. Тоа им дава легитимитет и на други членки, како Унгарија и Полска, кои исто така жестоко се спротивставуваат на воведувањето на независни европски обвинители.

Корупцијата се смета за најголема закана против демократија во Европа. Оттаму постојаното укажување дека земјите од пранешниот источен комунистички блок, кои се членки во ЕУ повеќе од една деценија, сѐ уште не успеваат во напорите за ограничување на корупцијата чија најголема жртва е пред се осиромашеното население.

Причините зошто на земјите аспиранти за членство, меѓу кои и Македонија, постојано им се поттура на увид барањето за ефикасни реформи во оваа област, сигурно не се ниту неправдено ниту пак нереално барање. Искуствата се загрижувачки и – застрашувачки.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...