Не можеме да ја игнорираме реалноста, но ќе се бориме да ја промениме, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, одговарајќи на прашањето дали ако победи на изборите ќе биде премиер на Северна Македонија.
-Тоа сум го зборувал многу пати во минатото, можам да го повторам и по стоти пат, но мислам дека би било дволично ако ние зборуваме за нешто што е спротивно на таа реалност. Јас сум професор на Универзитетот што е дел од образовниот систем на оваа држава. За жал резултат на капитулантскиот договор што го направи Зоран Заев и денеска таа е реалноста, и јас практично предавам во образовниот систем при Министерството за образование, кое е дел од Владата на државата со новата придавка. Плата земам од Министерството за финансии коешто е дел од Владата на државата со новата придавка – вели Мицкоски, на прашање како планира да ја промени реалноста.
На прашање дали би коалицирал со ДУИ ако ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите, Мицкоски вели: „Ние принципиелно имаме став дека ќе коалицираме со секоја политичка партија која ќе ја прифати нашата платформа, односно политичка програма. Ќе седнеме, ќе разговараме, ќе преговараме и зошто да не и ќе коалицираме. Немаме преференци кон ниту една, имаме релации со сите политички партии коишто се претставници на Албанците, имаме со политичките партии коишто не се претставници на Албанците, туку на другите етникуми итн, така што ќе имаме програма на масата и ви за ви таквата програма, доколку најдеме точка на поврзување, зошто да не“.