Дрисла, каква-таква, единствена има стандарди за селекција и депонирање на отпад

167

Во Македонија 42 од општините го депонираат отпадот, а регионални депонии користат 14 општини. Само 19 општини во земјава вршат делумно селектирање на отпадот, информира на денешната работилница во Велес државниот советник во Канцеларијата на Народниот правобранител, Нико Бојаџиев, повикувајќи се на истражувањето за депонирање и управување на отпадот во 2016 година спроведено од тимот на Омбудсманот.

– Загрижува податокот што голем дел од општините во земјава скоро и да не посветуваат никакво внимание за заштитата на животната средина и заштитата на здравјето на луѓето. Во најголем дел од селските – рурални населби сметот не се собира и се расфрла насекаде. Затоа диви депонии никнуваа насекаде покрај патиштата, шумите, плажите, реките и буквално насекаде каде што им одговара во нивна непосредна близина, а без почитување на законот – потенцира Бојаџиев.

Народниот правобранител Иџет Мемети рече дека и покрај уставно загарантираното право за здрава животна средина, загрижува фактот што со години наназад државата преку своите институции не посветува доволно внимание и не презема конкретни мерки за зачувување и унапредување на животната средина.

Македонија, како што рече, ја има заокружено правната рамка со која се регулира оваа сфера, а воедно и националното законодавство е усогласено со законодавството на ЕУ.

– Има закон но во пракса истиот не се спроведува поради недоволната совест на тие што треба да го спроведуваат законот. Поради тоа им порачувам на надлежните во земјава сериозно да пристапат кон квалитетно спроведување на прописите. Истовремено, без одлагање да пристапат кон изградба на прописни регионални депонии според сите стандарди заради остварување на правото на граѓаните за живот во здрава животна средина – порача Мемети.

Како што појасни Бојаџиев, Националниот план за управување со отпад предвидува затворање на сите постоечки депонии и нивна замена со регионални депони кои што ќе бидат најсовремено изградени, а согласно ЕУ стандардите за складирање и управување на отпад, а каде истиот и ќе се рециклира и во најголем дел ќе се искористи за добивање на енергија.

Амбасадорот на Кралството Холандија Воутер Пломп, кој го поддржа овој проект во своето излагање пред присутните како и неколку експерти од Холандија ги презентираа 50-годишните искуства на неговата земја за рециклирање и правилно складирање на отпадот.

Тој посочи дека најголем дел, дури 98 отсто од отпадот во Холандија се рециклира, а само минимални два отсто се депонираат на најсовремените депонии во земјата.

Во изјавата за медиумите амбасадорот Пломп нагласи дека проблемот со цврстиот отпад и депониите во Македонија е реален за многу луѓе во Републиката и треба што поскоро заеднички да го решат сите надлежни со нивна помош и поддршка.

– Мислам дека луѓето во Македонија заслужуваат решенија за овој проблем и дека имаше согласност од присутните дека ова е проблем во однос на човековите права, а луѓето имаат право да живеат во чиста животна средина. Меѓутоа, тоа е комплициран проблем кој може да се реши со заеднички пристап на централните институции, Министерството за живиотна средина и градоначалниците, директорите на комуналните претпријатија коишто работат со отпадот и со нашата холандската вклученост и помош од нашите искуства – нагласи амбасадорот Пломп.

Раководителот на Секторот за ЕУ при МЖСПП, Јадранка Иванова, која е вклучена во проектот рече дека освен Дрисла, во Македонија не постои друга депонија која ги задоволува стандардите за селектирање и депонирање на отпад, а која е во согласност со Законот за управување со отпад.

– Во новите регионални депонии сѐ ќе биде направено според ЕУ стандардите и најмал исцедок нема да продира во почвата и нема да има никакво загадување на подземните води и земјиштето. Отпадот соодветно ќе се селектира ќе се вадат корисните фракции и тоа што останува на крај ќе се депонира. Не станува збор за класична депонија кои денес ги гледаме, туку за еден многу современ систем – рече таа.

Во контекст на тоа додаде дека најблиску до изградба на овој систем од осум региони во земјава сега се два региона.

– Тоа се Источниот и Североисточниот регион, со кои работиме повеќе години и тие веќе имаат обезбедено средства во рамките на ИПА 2. Тоа се околу 39 милиони евра и оваа година и треба да почне проектот со јавните набавки и да започне со изградба на самите депонии, а најпрво и со набавка на возила и контејнери на сите комунални претпријатија кои се вклучени во овие региони, а Општина Свети Николе иако припаѓа на Вардарскиот се приклучи кон Источниот и Североисточниот регион – појасни Иванова.

Инаку во дискусијата што следеше голем дел од градоначалниците присутни на расправата побараа од надлежните уште еднаш да се преиспитаат понудените локации за изградба на регионални депонии.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...