Потрес, страв, жртви и одеднаш сѐ се менува. Дури и политиката. Тогаш сите се мобилизираат. Во Албанија се обединија поранешните непријатели, пишува Ивор Мицковски во новата колумна за Дојче веле.
Неговата колумна ја пренесуваме во целост:
По големите природни катастрофи секогаш се има чувство дека човек зборува или пишува за нешто што веќе не постои. Тоа е веројатно првата емотивна реакција, пред една трагедија како што е последниот разорен земјотрес кој ја погоди Албанија и каде веќе се бројат над 40 човечки жртви, додека земјата сѐ уште се тресе, во надеж дека бројката нема повеќе да расте.
Тој што е од Скопје, иако тоа важи за секој добронамерен човек, не може, а да нема емотивна реакција пред ваквите трагедии. Секој од нас, што посредно, што непосредно бил допрен, или негови блиски биле погодени од слична катастрофа. Секоја години се потсетуваме на Скопскиот земјотрес и се сеќаваме на луѓето и местата кои биле изгубени од една ваква несреќа.
Се трогнувам секоја година кога ги гледам снимките од Скопје 63-та, каде секојпат можам да ги видам солзите на мојот татко и тетка како деца додека возот тргнува и ги носи надвор од разурнато Скопје и мојот прадедо како голта грутки додека ги испраќа. Многумина како и моето семејство изгубиле свои блиски во земјотресот, го изгубиле својот дом, останале речиси без ништо. Таа меморија е жива и ден денес, од таа катаклизма се изроди една од најголемите акции на солидарност и реконструкција во минатиот век, а ние помладите, како и сите други научивме дека ваквите катастрофи одземаат многу, но потоа преку човечкиот труд и солидарноста, исто така многу даваат и создаваат во обид да се врати нормалноста.
Единственото добро кај земјотресите, ако може така да се каже, е што на многу брутален начин нѐ принудуваат да помислиме на длабоките врски со нашата земја, нашите места, географијата, историјата, личностите. А скопјани не може да не се сеќаваат, макар и посредно, на своите природни и човечки нанесени рани.
Штом се почувствува потрес, ако се има таа среќа човек да не е меѓу најдиректно погодените и тлото да не му бега под нозете, и штом разбереме дека трагедијата е подалеку, веднаш сакаме да знаеме колку далеку, каде далеку, па мериме и скокаме планини со нашите ментални мапи да се доближиме до луѓето чиј живот бил од корен потресен. Објективна е секоја од тие лични слики, зошто секој човек во мака се грижи за другиот, додека мисли и на себе.
Потрес, страв, жртви и одеднаш сѐ се менува. Дури и политиката. Тогаш сите се мобилизираат и, се разбира, се кристализира секоја нужност. Страшното е што природата мора да нѐ протресе, ние толку отсечени од неа, за да нѐ потсети, за да сфатиме дека ова што се вика општество, бара еднаква грижа во секое време.
Се обединија и поранешните непријатели
Реакцијата на целиот регион, реакцијата на нашите власти и нашите екипи за спасување кои за рекордно време заминаа за Драч и Туман, двете најпогодени места, беше неверојатно брза и овојпат ја заслужуваат секоја пофалба. Во Албанија се случи страшна трагедија, но додека се надеваме на чуда под тие урнатини, се случи едно друго, до вчера неочекувано, чудо.
Во Албанија се обединија поранешните непријатели. Сите земји од Балканот, екипите од сите земји од регионот, но и една Италија, пред сѐ преку регионот Пуља, работеа рамо до рамо во обидот да спасат човечки животи. И многумина беа спасени од рацете и трудот на оние кои до вчера војувале, чии политичари и ден денес сѐ уште не се способни да си простат, или да си ги признаат грешките. Има силна симболика во онаа слика која го преплави регионот, како луѓе од екипите за спасување на Косово и од Србија заедно копаат по остатоците и си подаваат делови од урнатините во обид да спасат човечки животи. Можеби е претерано да говориме за некакво новопронајдено братство, во еден длабоко разединет регион како нашиов, но барем на неколку дена видовме за што сме способни кога станува збор за човечност и во име на солидарноста. Оваа слика на точно 20 години од војната во Косово буди надеж за некоја подобра иднина, кога само би можела да се преслика и во политиката и во нормалното секојдневие, а не само во моментот на една драматична трагедија. Робови сме на нашите предрасуди, не само на нашите човечки и природни трагедии.
Земјотресот во Албанија неминовно го вклучува алармот и на едно сосема друго прашање кое треба сериозно да се преиспита во овие околности. Честопати се вели дека луѓето не ги убива толку природната катастрофа, колку што гинат поради човековата алчност и негрижа, поради корупцијата и криминалот во градежништвото. Бројни експерти од регионот посочија дека зградите кои паднале во Драч и Туман биле неквалитетно изработени, дека се штедело на материјали и при самата конструкција, дека се работело субстандардно, и дека луѓе денеска ќе биле живи доколку се работело според прописите.
Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, прв го посочи проблемот и повика да се научи лекцијата од оваа трагедија. „Во деведесеттите градевме нелегално насекаде, на планините, во градовите, покрај морето – денес ги плаќаме последиците“. Преку 500 згради и куќи се уништени, и не може да се избегне фактот колку урнатите објекти се селективни. Најголема штета претрпеа оние згради и поголеми куќи кои се подигнати како дивоградби. Албанија плати огромна цена за својот урбанистички хаос и негрижата кон градежните прописи и стандарди.
Урбанистичко дивеење
Оттука, без трунка полемичност, но е нужно да се запрашаме – што прави Македонија со својата градежна експанзија, дивоградбите и секаквите бестијални доградби на веќе стари и дотраени објекти. Дури и да веруваме дека новите згради се градат според највисоките сеизмички стандарди, останува проблемот на густината на градбите која драматично расте низ Скопје, град познат по својата сеизмичка активност. Сведоци сме дека се гради на секој чекор, дека цели населби комплетно го изгубија својот лик и станаа дехуманизирани од густината на градбите, дека се гради најчесто на трусно подрачје, дека урбанизацијата има изедено огромен дел од Водно, кое властите и понатаму избегнуваат да му да ја дадат соодветната заштита и да ја спречат градежната експанзија. Според експертите, дури и зградите да се најквалитетно изградени, кога густината е толку голема како во Скопје, постои ризик со падот на само еден објект, да се загрозат и останатите кои на хартија и според стандардите важат за безбедни.
И покрај сите предупредувања, покрај страшните лекции од градежната експанзија на режимот и уништувањето на зелените површини, сите сме сведоци што се случува во еден Аеродром, каде во одредени делови се изгради град во град. Во Кисела Вода, една од најбрутално и најлошо урбанизираните општини, се најавува изградба на 100 згради во неверојатно мал простор, во околина која веќе е преплавена со згради. Истото се најавува и за Ѓорче Петров, но веќе може да се забележи и во Карпош, Гази Баба, Тафталиџе, буквално насекаде. Во последните 20 години се изградија безброј доградби на веќе стари објекти, каде вертикално, каде хоризонтално проширени. Токму таквите предимензионирани објекти се најризични во случај на земјотрес да доживеат сериозни оштетувања, или уште пострашно – да се урнат.
Истото важи за сите оние монструозни градби од Скопје 2014-та кои оваа власт ги доградува, и кои сместени покрај река или инфрастурктурни објекти како мостови, сериозно ја загрозуваат и самата инфраструктура и целата околина, и кои наместо да се доградуваат или одржуваат, би требало да бидат урнати.
Деновиве читаме и за дивоградбите во Охрид. Градоначалникот на загрозениот град под заштита на УНЕСКО испрати апел дека државата не му помага со отстранувањето на дивоградбите. Охрид има регистрирано 1.097 дивоградби, и иако голем дел се помали објекти, сепак 409 дивоградби се ризични и во линија од 50 метри од Езерото, 15 се хотели или делови од хотелски комплекси кои се граделе, уредувале, адаптирале или надградувале без одобрение за градба од Општината. Во заштитениот појас на брегот кренати се и 37 викендички, семејни и индивидуални куќи и 14 згради со станови. Охрид е оставен сам, на своите лимитирани ресурси, без никаква поддршка и помош од државата. „Државата сака сериозна битка со дивоградбите, а спремаат нов закон за легализација на дивоградби. Мене ме тераат да уривам, а другите легализираат“, ќе заклучи градоначалникот Георгиевски.
Бедата на некои човечки креатури
Сите овие прашања заслужуваат одговор од институциите и државата. Време е да се отвори конструктивна дебата, не само еднострани предупредувања и протести околу постоечката и неодржлива состојба. Да не чекаме да ни се случи нова трагедија за нешто да се преземе.
Уште едно грдо лице од оваа приказна се неверојатните и нехумани постапки на ситење и говор на омраза пред трагедијата и човековата мака. Додека Албанија брои жртви од катастрофален земјотрес во кој билансот на жртви постојано расте, се појавија коментари на социјалните мрежи во кои ќе можете да ја прочитате, почувствувате етничката омраза кон „клетите Шиптари“ кои според мразачите, дури и си го заслужиле земјотресот. Во објавата на еден Фејсбук корисник се наведува дека „Господ ја казнил шиптарија“ затоа што „Шиптариве демолираа театар“.
Имаше такви мизерни ликови кои зборуваа за некаков „Ефект на пеперутката“, „инстант карма“, некои се повикуваат на божја казна и други бедници кои тресеа секакви глупости.
Ризикуваме повеќе добри од лоши нешта
Но, пред научната вистина која не бара дополнителни потврди, надвиснува и натаму една мистерија, која е многу тешко да се интерпретира со научни методи. Како е возможно некои луѓе и понатаму да се толку мизерни, толку ситни, до тој степен идиоти, што на една природна катаклизма ѝ ги придаваат своите ситни пресметки помеѓу некое Добро и Зло кое, како и да ги вртиме работите, е крајно релативно. Како успеваат луѓе до тој степен да се нурнат во својата ситна омраза, и толку длабоко заблудени да излезат будали пред целата јавност. Да се интрепретира еден земјотрес читајќи некакво евангелие на омраза, е како да се гледа во Сонцето и да се прашува кој ја плаќа сметката за неговото горење. Моралот и морализмите се смешни и минијатурни пред градиозноста на природата која ги држи сите нешта заедно, но човек да се однесува неморално и да ја спојува природата со својата омраза кон следниот, е така голем идиотизам, што е чудо како Земјата ја поднесува нивната тежина и ужасност. Постои една одвратност, една неподнослива неизделканост, една ситност на погледот и хоризонтите кај расистите и ксенофобите, која ме застрашува повеќе од фанатизмот. Да постоеше Вашиот бог, токму вам ќе ви ги посветеше неговите казни. Се вели дека земјотресот пука врз часовниците и ги замрзнува стрелките, но за жал тоа се случува и со главите и разумот на некои луѓе.
Како и да е, од оваа трагедија во Албанија ризикуваме повеќе добри од лоши нешта. Сите имаме шанси за исправки. За жал човекот е таков, неговата брзина на живеење, неговите економски мантри, неговата себичност и негрижа често запираат со трагедиите. Тие може да нѐ залажат дека нешто веќе не постои, но нѐ опоменуваат и за тоа дека некои работи постоеле. Кога сѐ ќе заврши, кога мртвите ќе се закопаат, ѕидовите ќе се поправат, раните ќе се залечат, кога машината на помошта и солидарноста најверојатно ќе зарибаат, и ќе мислиме дека се враќаме во една нова нормалност, убаво и човечки е да посакаме, но и да се потрудиме, таа нова нормалност да биде нешто подобра од онаа која беше затрупана од природната и човечка катастрофа.