Визија за енергетиката до 2040 година – ќе се инвестираат од 8 до 17 милијарди евра

Енергетската стратегија предвидува три сценарија: првото е референтно, второто се базира на енергетска транзиција и третото е зелено сценарио.

476

Три сценарија за развој на енергетиката во земјава нуди Предлог-стратегијата за енергетика за периодот до 2040 година. Првото е референтно, второто се базира на енергетска транзиција и третото е зелено сценарио. Во зависност од тоа кое сценарио ќе се прифати, тоа земјата ќе ја чини меѓу 8 и 17,5 милијарди евра и е планирана на претпоставен раст на економијата од 3,3 отсто. Стратегијата е на јавна расправа, а првата се одржа денеска во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Како што рече на презентацијата вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, Стратегијата се однесува за период од 20 години, а во неа се имплементирани сите светски трендови кои се прилагодени на домашните услови и ресурси. Притоа е направен баланс и се водело сметка во идниот период цената на струјата да биде во согласност со стандардот на населението. Со еден збор, како што рече тој, таа ќе биде стратешки патоказ за сите влади во иднина.

– Предвидени се три сценарија. Првото сценарио е референтно кое е најлесно изводливо, второто се базира на енергетска транзиција од производство базирано на загадувачка технологија кон извори за производство од обновливи избори. И третото е зелено сценарио – рече Анѓушев.

Тој посебно се задржа на второто сценарио кое почна да се реализира во текот на оваа година со постапката за изградба на фотоволтаични централи.

Анѓушев рече дека за реализација на стратегијата се предвидува да се инвестираат до 17 милијарди евра кои државата многу тешко ќе ги обезбеди но, како што рече, тоа ќе биде лесно, ако во инвестирањето се вклучи и приватниот сектор и странските инвеститори.

Во однос на обезбедувањето на инвестициите во енергетскиот сектор, академик Таки Фити рече дека можат да се користат сите можни извори.

– Тука се значајни буџетските средства, јавните инвестиции од локалната самоуправа, меѓународните извори, средства од ИПА фондовите, странските директни инвестиции, кредитите, донациите… Фактички таа во зависност од сценариото ќе апсорбира од 8 милијарди евра до 17,5 милијарди и повеќе – рече Фити.

Но, додаде тој, треба да се има предвид дека овие инвестиции имаат мултипликативен ефект и се продуктивни што влијае врз вкупниот економски раст.

– Некои анализи правени во МАНУ и во Светска банка покажуваат дека тој мултипликатор во секторот е 05. Ако инвестирате 18 милијарди евра во буџетотот ќе се вратат 9 милијарди евра. Тоа значи дека ќе придонесе за големи стапки на економскиот раст кој во стратегијата е предвиден да биде од 3,3 отсто годишно – рече Фити.

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека земјава од дадена на суд пред двеипол години за застој во донесувањето на законите и стратешките документи, сега стана лидер во тоа.

– Оваа стратегија беше планирано да биде донесена во 2015 година кога што требаше да бидат донесени повеќето закони поврзани со енергетиката. Но тоа не се случи. Но ние веќе ги подготвивме овие документи и сега се надевам дека многу брзо ќе ја донесеме и Стратегијата за енергетика – рече Беџети.

Претставникот на Европската енергетска заедница во директното обраќање рече дека Стратегијата е подготвена на многу професионелен начин, а земјава е прва која подготвува Стратегија што ги содржи и отсликува петте димензии на енергетската унија. Таа е усогласена со преземените обврски со влезот на земјава во Енергетската заедница за декарбонизација.

– Сценаријата кои се предложени ја предвидуваат транзицијата на снабдување со енергија од производството од јаглен во ефикасен и интегриран енергетски пазар. Доста сте амбициозни и според она што е предложено најевтино е зеленото сценарио по кое се надевам ќе тргне вашата земја – рече претставникот на Европската енергетска заедница.

Подготовката на Страгијата за енергетика до 2040 година е помогната со финансии од владата на Велика Британија, а во нејзината подготовка учествуваше Научно-истражувачкиот центар при МАНУ и Прајс вотерхаус куперс.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...