Болно е за Зоран Заев и неговите соработници тоа што со секој изминат ден се повеќе се гледа нивната неспособност нешто да изградат, но недозволиво е заради тоа да сквернават сѐ што некој друг пред нив изградил. ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува вандализмот и хулиганството од страна на група граѓани во МНТ, изјави актерот Зоран Љутков на прес-конференција како претставник на опозициската партија.
– Снимката која излезе во јавноста, а од која се гледа како се оштетува имотот на МНТ е срамна и доказ дека со оваа власт е пробиено дното. МНТ е институција за одржување на театарски претстави и културни собири, а не сцена за дивеење на навивачки групи.
Тој вели дека директорката на МНТ мора да одговори како можела да дозволи изнајмување на театарот на навивачка група, и по кој основ е издаден театарот, колку е платено за неговото издавање и руинирање, и дали воопшто е платено.
Љутков прашува како може да се издава театарот само со јавување на телефон и кој ќе сноси одговорност и кој ќе ја плати штетата?
– На местото каде во петокот вечерта се дивееше големите имиња на македонскиот театар поминуваат часови, денови и месеци во проби и претстави. Творат и работат. Ова е потценување и понижување и на нивниот труд. МВР мора најбрзо да ги пронајде сторителите на вандалскиот чин и да ги казни согласно законот. Сѐ друго ќе биде само потврда дека овој вандалски чин е свесно организиран. И за едно сте во право господине премиер, манифестацијата и не била баш културна.