Стојановска: Објавената фотографија од Јанева во домашен притвор е нарушување на приватноста

Тој што спротивно на условите утврдени со закон без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Доколку тоа го стори службено лице казната е од три месеци до три години.

1305

Приватноста на домот, приватноста на местото каде што едно лице престојува е категорија заштитена и гарантирана со Уставот и со Законот за заштита на личните податоци.

Во медиумите денеска е објавена фотографија на која поранешната обвинителка со која се нарушува приватноста на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева осомничена во „Рекет“. Таа е фотографирана како седи на терасата од станот каде што престојува во домашен притвор во Скопје, а притоа се открива и адресата.

– Во однос на јавниот интерес многу податоци што беа објавени во јавноста во изминатиот период се оправдани. Во конкретниов случај зборуваме за специјалниот јавен обвинител. Но, повторно се наоѓаме во ситуација кога медиумите бркајќи го оној момент на ексклузивност го забораваат правото на приватност кое што не значи дека јавната личност го нема поради тоа што од која и да е причина е јавна личност – вели за МИА Елена Стојановска од Метаморфозис, експерт за заштита на лични податоци.

Таа додава дека во случајов има нарушување на приватноста на домот и престојувалиштето што е гарантирано со Уставот.

– Тоа значи дека дали некој престојува во домашен притвор, во затвор или во болница, тоа во моментот на престојување се смета за негово престојувалиште, место на кое што единствено смее и може да живее па согласно тоа приватноста на домот или престојувалиштето би требало да биде гарантирана, без разлика на тоа дали станува збор за јавна личност или не – вели за МИА Елена Стојановска од Метамофрозис, експерт за заштита на лични податоци.

Таа е децидна дека приватноста на домот, приватноста на местото каде што едно лице престојува е категорија заштитена и гарантирана со Уставот и со Законот за заштита на личните податоци, а кога некое лице е во улога на пациент не смее да се заборави и Законот за заштита на правата на пациентите.

– Бркањето на ексклузивност со истовремено прекршување на Уставот и на два други закони, не може да биде оправдано по ниту еден јавен интерес – вели Стојановска.

Ова не е прв случај да бидат објавени фотографии од близина на живеалиште или место каде што некое осомничено лице престојува.

– Вакви случаи имавме и во минатото кога еве како пример ќе потсетам кога имаше објавена снимка снимана низ клучалка од затворска ќелија, имавме можност да видиме каде живее осомничен за сериски убиства, буквално со камера се влезе во дворот и се издаде адресата на живеење на тоа лице – вели Стојановска.

И во актуелниот случај со Јанева објавена е адресата каде што таа престојува.

– Во овој случај адресата на живеење се смета за личен податок од причина што кога ќе се доведе во корелација со останатите податоци, односно во овој случај тоа е фотографијата, врши директна идентификација на лицето. Забораваме која би била штетата од објавувањето на оваа фотографија и што порака пренесува оваа форографија, која е важноста на информацијата во тоа дека седи на тераса – рече Стојановска.

За неа е спорна битноста на информацијата, но исто така може да се проблематизира и времето кога е таа направена.

– Ние не можеме да знаеме дека таа фотографија е од вчера – вели Стојановска.

Загрозувањето на приватноста односно злоупотребата на личните податоци, кај нас е казниво според Кривичниот законик. Во членот 149 се наведува дека тој што спротивно на условите утврдени со закон без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Доколку тоа го стори службено лице казната е од три месеци до три години.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...