Mалиот Јане Велковски, кој ја претставува Македонија во Њујорк на Самитот на Обединетите нации за детските права.
Големиот навивач на македонската фудбалска репрезентација имаше прилика и да се сретне со славниот фудбалер Дејвид Бекам, кој одржа говор како амбасадор на УНИЦЕФ.
– Роден сум со спинална мускулна атрофија, и поради тоа наоколу се движам во инвалидска количка, која јас ја нарекувам формула еден. Но, моите родители уште како мал ме учеа дека можам да правам сè што прават другите, но на поинаков начин. Како што растев тоа стана мое правило. Да правам сè што сакам и да уживам во животот. Мојата најголема страст е фудбалот. Тој ми дава сила, енергија и ме прави среќен. Фудбалот ме поврзува со многу славни личности и ме прави голем борец за еднаквост во спортот. Верувам дека секој на светот може да игра фудбал, без разлика како. Важно е да се биде еднаков и има респект. Јас се сметам себе си еднаков со другите и така треба сите да се однесуваат. Но, не е лесно кога користиш инвалидска количка бидејќи има многу пречки на патот. Не ми смета мојата попреченост, туку ми сметаат бариерите на кои наидувам секојдневно. Нè нервира кога ми е оневозможено да одам некаде, кога нема огради ниту транспортни средства за мене, па моите родители мораат да ме носат. Моите родители сега ми помагаат, но сакам да бидам независен. Сигурно има многу, многу деца кои го делат истото мислење. Сакам да им порачам да бидат упорни и никогаш да не се откажуваат од своите соништа. Мора да ги уриваат бариерите пред нив и да прават добри работи кои за жал се повеќе недостасуваат. А за возрасните сакам да им кажам дека мора да се почитуваат правата на децата и да ги симнат бариерите – Да се стави крај на дискриминацијата – порача Јане.
Јане е дел и од проект на УЕФА за кој сними видеоспот во кој се појавуваат Меси, Роналдо и Погба, а редовно е гостин и на натпреварите на македонската фудбалска репрезентација.
Јане стана вистински симбол за истрајност во борбата со реткото заболување спинална мускулна атрофија. Јане има 11 години и сонува еден да игра фудбал.
ФОТО: Деница Велковска/Уницеф.мк