Истражителот Атанас, за кој Груевски тврди дека барал „бомби“ против Заев бил човек од МВР

Дел истражители што ја извршуваа истражителската работа во Специјалното јавно обвинителство беа дојдени од полиција, велат извори кои работеле во СЈО.

9021

Истражителот што го споменува поранешниот премиер во бегство Никола Груевски во своето тврдење дека бил инволвиран во потрага на компромитирачки „бомби“ за премиерот Зоран Заев по налог на осомничената обвинителка Катица Јанева, на служба во Специјалното обвинителство бил дојден од МВР, дознава Плусинфо од обвинителски извори.

– Во СЈО има истражител по име Атанас, а тој како и други негови колеги што ја извршуваа истражителската работа во Специјалното јавно обвинителство беше дојден од полиција. Тој е полициски истражител и никој освен Катица Јанева не може да потврди дали тој добил налог да бара прислушувани материјали за премиерот Заев, настрана што ѝ да добил таков налог тој не би можел да дојде до тие материјали кои се чуваат во специјално депо во СЈО под строги безедносни мерки – објаснуваат извори кои биле ангажирани во СЈО.

Познавачите на редот во издавањето на присушуваните материјали во депото на СЈО, велат дека истражителот Атанас (иницијалите ги чуваат во тајност поради специфичноста на неговата работа) ниту можел да ги земе аудио материјалите на преслушување, ниту пак некој друг во негово име можел да го направи тоа, а најмалку да ги изнесува од зградата на СЈО. За чување на аудио снимките има задолжено друго лице, кое во записник го заведува секое подигање на материјалите од страна на обвинителите, нивното преслушување во специјална просторија и повторно враќање во депото.

Сепак, можноста за злоупотреби на незаконски присушуваните материјали, со оглед на тоа што извесни „бомби“, како на пример оние на Ел Чека, што тој ги објавуваше на социјалната мрежа Фејсбук од Чикаго, како и други што инкогнито се појавуваа на Јутјуб, остава простор за сомнежи дека истражителот на СЈО, можеби имал задача да бара компромитирачки „бомби“ за Заев на црниот пазар, а не само да ги преслушува спакуваните во депото на СЈО.

Обвинителски извори не ја исклучуваат можноста истражителот што го споменува Груевски навистина да барал „бомби“ против Заев. Тие потсетуваат дека тоа било и во делокругот на работа на специјалната обвинителка да истражува индиции за криминал и корупција без оглед на нечија политичка позиција или политичка определба. Не може, како што велат, да се фрла сомнеж на сета работа на обвинителката Катица Јанева, ниту, пак, да се поврзува со случајот „Рекет“.

– Нема ништо спорно и да било така како што тврди Груевски – вели изворот и потсетува на притисокот на опозицијата, но и на јавноста да се истражуваат „бомбите“ и за ДУИ и за Заев.

Сега, кога СЈО постои само на хартија е речиси невозможно да се направи проверка во строго обезбедуваниот записник и да се види кој сѐ имал задача да ги преслушува содржините кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите. Освен, ова како пречка за да се направи проверка во СЈО, го наведуваат и тоа што нема прецизен датум кога наводно паднал налогот за пребарување на материјали против Заев. Според тврдењето на Груевски, тоа наводно се случило околу два месеца пред да биде уапсена Јанева која на 21 август влезе во затворската ќелија во Шуто Оризари.

Груевски на социјалната мрежа Фејсбук прво објави дека две недели пред да биде приведена Јанева барала од обвинителот Трајче Пеливанов да бара компромитирачки „бомби“ за Зоран Заев. Откако ваквите негови наводи, за Плусинфо извори од СЈО пред една недела ги оквалификуваа како невозможни, тврдејќи дека обвинителот Пеливанов воопшто немал контакат со Јанева, во периодот што го наведува Груевски, а во кој наводно била извршена наредбата на Јанева.

Подоцна, Груевски излезе со тврдење дека, задачата од Јанева ја примил истражител кој исто како и Пеливанов, е по потекло од Кавадарци.

„Неодамна објавив дека две недели пред апсењето Катица Јанева го задолжила обвинителот Пеливанов да преслушува снимки поврзани со Заев. Ми пренесоа дека имало реакции дека тоа не е точно, по што извршив дополнителна проверка и имам мала исправка. Имено, при пренесувањето на информацијата ми беше кажано дека нејзин близок соработник по потекло од Кавадарци го правел тоа, поради што така напишав. Всушност, друг нејзин близок соработник од Кавадарци ја добил таа должност, еден од истражителите, извесен Атанас. И не две недели, туку еден до два месеци пред апсењето“, напиша Груевски на Фесјбук.

Груевски уште наведува дека истражителот попусто барал „бомби“ за Заев, кој уште во времето, пред да му ги предаде материјалите на СЈО, внимателно ги отстранил сите компромитирачки снимки поврзани со него.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...