Шпанија одржа вистинска кошаркарска лекција и ја совлада Аргентина со 95-75 (23:14, 20:17; 23:16, 29:28) по што триумфира со светската титула по втор пат во својата историја.
Кошаркарите на Серџо Скариоло ја одиграа финалната средба во Пекинг на совршен начин, исполнувајќи го на најдобар начин тактички план на нивниот италијански селектор и заслужено повторно го освоија прекарот, 13 години по историскиот успех во Јапонија на СП 2006 година .
Отпишани од многумина пред почетокот на турнирот, Шпанците ја ограничија клучната фигура во редовите на Аргентина – легендата Луис Скола, а на офанзивен план добро комуницираа и покажаа упорност за да ги обезбедат златните медали.
Аргентинците покажаа одлична игра низ целиот турнир, но денес едноставно немаа шанса против категорично поквалитетните Шпанци.
Шест кошаркари на новите шампиони постигнаа најмалку 11 поени, а Рики Рубио го предводеше патот со 20 поени, 7 скокови и 3 асистенции. Серхио Љуљ постигна 15 поени, Марк Гасол беше на добро ниво со 14 поени, 7 скокови и 7 асистенции, а Руди Фернандез, Хуанчо Ернангомез и Вили Ернангомез имаа по 11 поени.
Габриел Дек беше број 1 за Аргентина со 24 поени, Николас Лапровитола заврши со 17, а Факундо Кампацо со 11 и 8 асистенции, но при шут 2/11 од игра. Луис Скола постигна скромни 8 поени со шут од игра 1/10.