– Овде, на улица „Петричка“, во населбата Маџир Маало се работи на изградба на фекална и атмосферска канализација во должина од 450 метри и реконструкција на водоводната мрежа. Со овој инфраструктурен зафат го решаваме долгогодишниот проблем на жителите на овој дел од населбата, кои поради неизградена канализациона мрежа беа принудени да користат септички јами. По завршување на овој зафат, Општина Центар ќе постави нов коловоз во должина од 2.700 метри квадратни – информираше денеска на стартот на градежните работи градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ.
Тој рече дека активности за нова и обнова на постојната комунална инфраструктура во населбата што е во строгиот дел на Центар немало 50 години.
Според министерот за транспорт Горан Сугарески, станува збор за сериозен капитален дел во овој дел на општината и на Скопје.
– Со изградбата на оваа атмосферска канализација и реконструкцијата на водоводната мрежа ќе решиме уште еден проблем на граѓаните на овој дел на Скопје. Жално е што во 21 век сѐ уште разговараме за водоводи и канализации, меѓутоа основна наша цел е во секое населено место и секаде каде што има потреба од изградба и реконструкција тоа и да биде направено – рече Сугарески.
Инвестицијата изнесува осум милиони евра. Реконструкцијата на улицата Петричка во се очекува да биде готова за околу два месеца.