Донесувањето на законот за јавно обвинителство и водењето транспарентна, непристрасна истрага за случајот „Рекет“, се двете клучни работи кои многу ќе ни помогнат да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ во октомври, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров, пред почетокот на Амбасадорскиот совет во МНР.
Според Димитров, последниве две години има интензивно, очигледно и драстично подобрување на состојбата во однос на евроинтеграцискиот процес и водењето на надворешната политика. Зголемени се посетите во земјава, но и оние на наши официјални претставници во земјите-членки на ЕУ.
– Има нешто што се сметаше за нерешливио. Тука направивме крупен исчекор, манифестиравме вистински, европски начин и решивме едно прашање што нѐ држеше надвор од процесот на ЕУ и НАТО интгрирањето. Со соседите, во услови кога е светот разнишан, создадовме шанса и за ЕУ – истакна Димитров.
Амбасадорски совет е на тема „Европската перспектива на Република Северна Македонија“. Според МНР кое го организира овој дводневен состанок, целта е да се направи пресек на досегашните и да се допрецизираат следните чекори, како и конкретни дипломатски активности во пресрет на одржувањето на Европскиот совет во октомври, кога се очекува да биде донесена одлука за почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ.
Во рамки на Амбасадорскиот совет предвидени се работни средби со претседателот на државата, Стево Пендаровски, со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со претседателот на Владата, Зоран Заев и со потпретседателот задолжен за европски прашања, Бујар Османи. Предвидени се и неколку работни сесии на кои Димитров и амбасадорите на Северна Македонија акредитирани во земјите-членки на ЕУ подетално ќе ги разгледаат сите аспекти релевантни за почеток на пристапните преговори со ЕУ во октомври.