Љупчо Бојаџиев е градоначалник на општината Кратово. Не ги следам внимателно локалните прилики во овој крај, но мислам дека тој е првиот кратовски градоначалник кој не е од Социјалистичката партија, по долгото владеење на кадрите на СПМ на Љубисав Иванов Ѕинго.
Бојаџиев е лекар, офталмолог. Работи во Здравствениот дом во Кратово. Роден е во 1955 година, значи не е аџамија. Гради имиџ на исклучително вреден и скромен човек. Сѐ уште ординира, велат дека често доаѓа на работа во бел мантил. На фотографиите на Фејсбук го гледаме и во фармерки. Накусо, фоторобот на скромен и вреден градоначалник.
Но, градоначалникот мора нешто и да работи. А велат и дека работи. Па така, на барање на жителите од Кратовско, лани Бојаџиев си зел обврска да реконструира 870 метри од локалниот пат кај селото Близанци. Во селото има малку жители, но кратовчани ми тврдат дека таа делница сепак е важна и за околните села. Според востановената практика, ваквите патишта се реконструираат со 10 отсто учество на локалната самоуправа и со 90 отсто инвестиција на Бирото за локален развој од Скопје.
И така, општината Кратово, во февруари 2018 година, аплицира за повеќе проекти, меѓу кој и за патот кај Близанци. Бирото го одобрува проектот и во јули лани, преку Бирото за јавни набавки, се распишува оглас за јавна набавка, со проценета вредност од околу 2 милиони денари. Планирано е работите на реконструкцијата да почнат на 15 август и да завршат за 60 дена, точно на 15 октомври 2018 година.
По спроведената постапка, работата ја добива фирмата КООП Инженеринг ДОО Куманово. Фирмата се обврзува да реконструира 875 метри, со битумизиран слој, да постави банкини, да изврши асфалтирање на ударните дупки и со еден збор, да ја заврши целата работа „по пропис“. За ова општината Кратово со кумановската фирма склучила договор под број 05-188/1 од 10.09.2018 година, во вредност од 2.189.771 денар со вклучен ДДВ. Рокот за завршување на работите и за плаќање на сработеното е 60 дена.
Од кратовци дознавам дека кон крајот на 2018 година бил извршен надзор, составени биле записници и градоначалникот доставува документација до Бирото за регионален развој во Скопје дека работата е завршена. И до тука, се чини, сѐ оди „како по лој“. Школски пример за добро завршена работа, по сите стандарди.
Пред реконструкцијата, патот изгледа вака:
После реконструкцијата, патот изгледа вака:
Не, не е грешка во фотографиите. Вака изгледале сите 875 метри некаде до мај годинава. Работата не била завршена. Тогаш, под притисок на жителите од Кратовско, набрзина се асфалтирани околу 300 метри од патот. Па така, сега патот изгледа вака:
Пола – пола… Изгледа смешно, ако не морате да го користите овој пат. Ама на локалците не им е смешно. И реконструкцијата на оние 300 метри не е извршена прописно. На фотографиите се гледа дека нема банкини. Асфалтот е „шлапнат“ набрзина, за да стивне револтот на населението. Но, остатокот од кратката траса е недовршен до ден денес. Овие снимки, патем речено, се направени вчера.
Моите кратовски извори велат дека општината Кратово на изведувачот на работите веќе му ја исплатила договорената сума. За љубов на вистината, сумата не е голема, но и работата што требало да биде завршена не е голема – не се градело автопат.
Оттаму, навистина останува нејасно зошто на скромниот градоначалник Бојаџиев му требало еден ваков кикс. Се обративме до него со барање за објаснување, но до објавувањето на овој текст, не добивме одговор. Штом ќе добиеме реакција од него, веднаш ќе ја објавиме.
Неофицијално дознаваме дека против градоначалникот и уште против три лица некои кратовци веќе поднеле кривична пријава. Ете, сега човекот ќе има непријатности. А навистина е тешко да се најде одговор на прашањето „зошто“. Зошто целата работа, која тргнала како што треба, морала да заврши со еден ваков, навидум ситен, ама за локални прилики не беззначаен скандал? Не може ли една работа да се заврши како што треба?