Македонците и нивната црно-бела матрица

1550

Македонија, таква каква што е денес, или поточно од она што остана од неа денес, разорена и опоганета од полуписмени креатури и нарцисоидни месии, во која владее општ хаос, какофонија и конфузија, во која неконтролираните емоции и интелектуални ограничености произведуваат секаков вид насилство, и во која наместо дијалог и слушање на аргументите на другиот, владее култура на кавга, на сеопшта омраза, на примитивни обвинувања и навреди, каде е секој против секого, тешко е да се мисли поинaку, надвор од традиционалите самодоволни догми и биполарни поделби.

Македонците, гледајќи на тој свој девастиран простор од преспектива на жаба, се препелкаат во сопствената голема канта за ѓубре во која што ја претворија државата и вистински и метафорично, и веруваат инаетчиски тврдоглаво, дека за излегување од тој маѓепсан круг на очајот постојат само две можности. И во таа нивна црно-бела матрица, нема избор. Или си за таканаречените социјал-демократи кои одамна не се тоа, кои својата неукост и немоќ ги бранат со излитената фраза, „Aј па сега Грујо да го вратиме назад“, или си за криминалците од националистичката ВМРО-ДПМНЕ, кои се закануваат со „Македоња вечна“, и „Мајка ќе им расплачеме на комуњарите“. А за тоа време албанските националисти собрани околу ДУИ, Алијансата за не знам што или БЕСА, сите вљубеници во каљишњиков демократија, седнати од страна гледаат сеир, и самозадоволно тријат дланки, и чекаат да ѝ го зададат последниот удар на државата во која ги имаат сите човекови права.

Меѓутоа, Македонците мора конечно да се ослободат од својот страв и да почнат да работат на себе. Тие мора да разберат дека излез од самосоздадениот пекол има. Избор за поинаква демократска правна и навистина граѓанска Македонија има. Многупати тие поинакви можности биле посочувани во минатото. За жал, уплашените, неспособните, полуписмените и суетни властодржци и нивните трабанти, и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ и од албанските националстички партии, кои не трпат никој ништо од страна да им каже, а со цел да го заштитат своето криминално владеење, одбиваат да ги направат вистинските реформи за спас на државата и во корист на граѓаните. А исплашените, злоупотребени, неуки, плиткоумни и мрзливи граѓани чекаат милост од страна и некој друг да се избори за нивните права и за нивната држава. Тие не само што не знаат како, туку немаат ни волја да сторат нешто за себе. И така скоро цели триесет години, тие се жртви не само на неуките и неискусни политичарчиња почетници, кои постојано се учат на работно место, туку и на сопствените заблуди, на својата индолентност и самоомраза. Луѓе без волја и карактер.

А моите Американци овде велат: каде што има волја, има и начин.

Затоа, за повторувачите, уште еднаш едно согледување од пред само десетина месеци. Да не одиме понатаму во скорешната историја на македoнската нечесносст, неписменост и аутизам, во која има безброј вакви примери.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...