Во овој број ќе ви ја претставам книгата „Пушачи на црвениот бан“, збирка на текстови и колумни на Светислав Басара; овие текстови се создавани од 2012 до 2017 година, и сега ако мене ме прашате, тоа е едно литературно сведоштво за менталитетот и идентитетот на овие наши народи и народности, нивното подаништво и табиет на овдешните водачи. Оваа журналистичка проза ми ја донесе од Белград мојата пријателка Марина Мици Трајкова (да е жива и здрава, голема убавина ми направи!), активистика која се занимава со родовите прашања.
Верувам дека вие сите знаете кој е Светислав Басара, и верувам дека сите ги читате неговите текстови во белградскиот „Данас“. Би рекол дека оваа книга е мало богатство, текстовите се на број 200, што значи дека не мора да ги имате сите броеви на „Данас“, можете да ја имате оваа книга.
Басара пишува десет години дневни колумни за „Данас“, а тоа е многу специфична работа, па слободно би можело да се каже: Басара создаде посебен, само нему својствен писателски свет. Од една страна неговите романи оперираат со реалноста низ неговата „дискурзивна машина“, а од друга страна, во неговите колумни кои третираат некаква општествена реалност, всушност придонесуваат низ неговата дневна колумнистика да се произведе иманентно неговиот препознатлив свет.
За оние кои не знаат за тој свет, дозволете ми да напишам некои „пластични“ примери. Ако некој прв пат ги чита колумните на Басара во „Данас“, тоа ќе претставува проблем бидејќи нема да знае кој е тој „Јегосијатељство“, или пак нема да знае што му значи метафората „референдумски лопов“… Многу од оние кои за прв пат го читаат, би прашале за каков референдум се работи, и многу од нив би прашале за кој лопов се работи. Ако приметувате, Басара создава свој посебен свет, или, пак, кога Басара пишува за белградската доминантно-политичка чаршија, „првата“ и „втората“ Србија, пред сѐ, се однесува на белградската чаршија, таа снобовска и „умна“, продемократска, па еднаш ги нарекува „Еуромахала“, а другата, онаа патриотската ја нарекува „Китајгород“. Всушност, тоа е начинот на кој романсиерот Басара размислува. Ама сепак, тој успеа своите литерарни импулси и рефлекси природно да ги инкорпорира во своите колумни, и читателот што има тренинг со тие негови колумни, се разбира, ужива во тие негови дискурси. Па дури и ако сакате, тука се создава некоја подлабока врска меѓу писателот и читателот.
Сакам да кажам дека во колумните на Басара се раѓа еден „посебен јазик“ меѓу писателот и читателот – едниот го произведува, а другиот (да се изразам грубо) го „конзумира“. Така се создава еден литерарен или новинско-литерарен свет на „фамозно“.
Басара толку многу ги истренирал своите читатели, така што под неговите текстови оставен е простор за коментирање, а Басара ги нарекува „подфамозен коментарлук“. Прекрасна синтагма која неверојатно ме весели. Басара повремено се кара со своите ликови кои сакаат анонимно или со некакви псевдоними, желни да кажат нешто за општеството и за самиот автор. И таквите коментари него го инспирираат, му претставуваат „тригер“ за некоја следна колумна. Колумните на Басара – низ годините – се претворија во посебен жанр. Навистина, не се работи за фактичката состојба дека Басара пишува десет години секој ден, добро, тоа навистина е важно, и навистина нема преседан, бидејќи не постои човек во цела бивша Југославија што пишува толку многу колку што пишува Басара.
Басаријанскиот текст е сосема посебна и единствена журналистичко-колумнистичка „нишка“ која постои засебно во целиот медиумски простор. Добро, сега некој може да постави прашање зошто треба да ја читаат таа колумна ако веќе ја читале во „Данас“ (онлајн)? Кога имате собрани текстови на едно место, како еден вид континуитет, кога се наоѓаат меѓу исти корици, тие дишат на еден поинаков начин. Тие меѓусебно комуницираат без разлика што писателот за тоа иницијално не размислувал. Секој што пишува за весник знае дека покрај текстот, важен е и „дедлајнот“. Ама, ви велам, еден авторски континуитет се гледа тогаш кога ќе ги соберете текстовите на едно место, односно кога авторот ќе го видите „ретроспективно“. И кога ќе видите на каков начин некој ги третира темите, личностите, процесите, феномените, процесите на „долгото траење“ (тоа не може да се види низ еден, два или три текста), тогаш во целост можете да го согледате колку некој автор што се јавува во весник, колку тој има или нема вистинска супстанца. А колку е во суштина „пиротехника“. Мислам дека всушност тука се гледа колкав е авторот, и тука се гледа колку книгите-колумни имаат некоја смисла. И низ тие собрани текстови во книга може многу да се види, кој е кој, и што е што.
Затоа оваа книга „Пушачи на црвениот бан“ се покажува како многу јака, книга која вистински го пресликува Басаријанскиот „поглед на светот“. Се гледаме во септември.