Шампионскиот пехар од ракометната Лига на шампиони и денеска беше во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, а освен со пехарот, пациентите овој пат можеа да се фотографираат и со капитенот Столе Стоилов. Најеуфорични беа најмладите, но задоволството да се биде покрај капитенот на шампионите не го криеја ниту повозрасните. Стоилов порача дека победеата не е само на ракометниот клуб, туку и на „Аџибадем Систина“, бидејќи лекарите, неуморни на терен, се заедно со нив секогаш кога им се потребни.
– Ова победа не е само на РК „Вардар“, ова е победа и на „Аџибадем Систина“, тие се со нас постојано 24/7 кога и да имаме потреба од нив. Имаме огромна доверба во лекарите, професионална и надвор од тоа. Д-р Михајло Ивановски е мој драг пријател кој секогаш кога треба е тука со добри совети. Не само јас, туку сите играчи на РК „Вардар“ се презадоволни од „Аџибадем Систина“ – изјави капитенот Столе Стоилов.
Трауматологот д-р Михајло Ивановски, кој беше нивен доктор во текот на целата сезона и со нив ги делеше сите предизвици и подеми, но и падовите, повредите и исцрпеноста, вели дека ракометарите на терен зависат од своето здравје и дека редовните лекарски прегледи и физичката подготвеност се од огромна важност за сите спортисти.
– Победата е нивна, ние сме само логистика и им помагаме на ракометарите. Ракометарите се тие кои играат и тие кои победуваат. Драго ни е што соработуваме и сме на располагање секогаш кога сме им потребни, долги години сме заедно со нив, а нашата поддршка ќе продолжи и понатаму. Лекарските контроли се од огромна важност за спортистите, пред сè превенцијата. А нашиот хируршки дел доаѓа само ако мора. Превенцијата и редовните прегледи се битни, а ракометатарите ги прават редовно и многу добро знаат да се грижат за своето здравје, бидејќи од тоа зависат – рече трауматологот Михајло Ивановски.
Ни претставува чест што сме дел од тимот кој покажа професионалност на спортскиот терен и донесе радост и национална гордост, велат од „Аџибадем Систина“, компанија која веќе шест години соработува со РК „Вардар“ и таа поддршка ќе продолжи и во иднина.