Во Аквариус, за датумот на преговори со ЕУ

(Продолжение на колумната „Јудах бен Москони и Охрид")

965

Го испивме кафето молчејќи. Сркавме гласно, беше луто жешко. Чутеа и двајцата и Настрадин оџа и Итар Пејо. Чутев и јас. После долга незгодна тишина, разбрав дека ме чекаат мене да прозборам.

Јас: Сум слушнал за Јудах Мозес бен Москони. И јас како Настрадин, мислам дека балканскиот Ерусалим е Солун. Охрид си е Охрид, тој не се повторува и не се мери со ниеден град… Како што Струга нема друга. А и да има што ќе ти е? И двајцата брснаа во смеа, како знак дека ме прифатија.

Пејо: Зошто бе ти дете, велиш Солун е балканскиот Ерусалим? А велиш, си слушнал за Јудах Мозес бен Москони. Што си ти, дете? Грк ли си, Евреин ли си?

Јас: Не, не сум ни Грк ни Евреин, но по потреба, можам да бидам и едно и друго. Како се вели, пооди едно седум дена во нечии опинци и ќе почнеш да го гледаш светот со нивни очи и да го думаш со нивни ум.

Тогаш и Настрадин и Пејо, извадија по еден опинок. Настрадин ми подаде лев, а Пејо десен опинок, и ми рекоа – ете ти опинци, обуј си ги и биди тој, кој што ги носел.

Овие не импровизираат, си дошле спремни, си помислив. Ги облеков. Веднаш знаев кој сум.

Пејо: Кажи сега Јудах Мозес бен Москони, зошто Солун, а не Охрид, е балканскиот Ерусалим?

Мозес Јудах: Тешко ми е кога ќе се сетам на Солун, веднаш ми солзат очиве.

Настрадин: Пејо, остави го Мозес да се соземе, само што ги обу опинците, не го расплакувај среде „Аквариус“. Што сакаш да знаеш за Солун, јас ќе одговорам? Кратко кажано, пред Втората светска војна, Солун бил за Евреите тоа што е Њујорк денес.

Пејо: Од кад сега пак Солун и Њујорк? Се расправавме дали е балкански Ерусалим, сега бил и Њујорк?!

Настрадин: Процентуално, итар мој пријателе Пејо, бројот на Евреите во Солун тогаш, бил поголем од бројот на Евреите во Њујорк денес. Затоа го викале балкански Ерусалим. Книгата си ја читал?

Пејо: Која книга, од Марк Мацовер? Солун, градот на духовите, христијани, муслимани и Евреи  од 1430-1950….Или во оригинал, Salonica, City of Ghosts: Christians, Muslims and Jews, 1430–1950. Браво Настрадине, аферим, и ти си читал, не сум бил сам. Ме чудиш, зошто само од минаре сум те видел да слегуваш, а од библиотека нити на влегување нити на излегување не сме се сретнале. Додуша, ниту на минаре не сум те видел да се искачиш. Патем како ниту еден единствен оџа во Македонија веќе на минаре не се искачува?! Зошто е тоа така Настрадине, што е работата, да не постои некаква фатва за оџите да се качуваат на минаре?! Се сеќавам како дете на таа убава глетка…

Мозес Јудах бен Москони: А да се вратиме на книгата, може? Преблиску седиме до дрвото т.е минарето и не ја гледаме шумата т.е градот. Книгата на Марк Мацовер е прекрасно напишана. Треба таква да се напише и за Скопје, за Битола, за Охрид…Да се пишува без љубов и омраза, научно.

Настрадин: Гледаш Пејо, како знаеш за која книга зборувам,а и Мозес ја прочитал. Се согласувам. Таа книга да се земе за пример, и да се преслика начинот на пишување за сите важни балкански градови. Балканските градови имаат различно име…

Пејо: Различно име, но сите се со исто балканско презиме, така е Настрадине. Јудах или ако сакаш повеќе, Мозес, не се секирај, ќе зборуваме и за Солун, но да заврши Настрадин оџа за минарето, го чувствувам дека има некои рибни коски што му застанале во грлото.

Настрадин: Фала ти Пејо, ако не другите, ти ме разбираш. Ете, јавно да се чуе, гласам оџите да се искачуваат на минарињата и да го пеат езанот со нивниот човечки глас и без звучници. Но, кој сум јас, Пејо и кој си ти? Јас и ти сме старомодни. Тие другите се модерните. Тие градат минариња на кои не се искачуваат, и пеат со микрофон, како кафански певаљки и го креваат гласот на звучниците до максимум, божем сакаат и Господ да го разбудат. Тоа е да го озвучиш езанот гласно-прегласно од инает на комшијата, а не од љубов кон Бога. Ако пееш од љубов, ќе пееш и кога е жешко, и кога врне, и кога грми, и ќе се искачуваш на минарето секој ден по пет пати, или барем еднаш во денот. Или ете, нека не е еднаш во денот, нека биде еднаш во неделата за петочната молитва, или и тоа е многу? Тогаш нека е само еднаш во месецот, или и тоа е многу? Ете, да намалиме тогаш на два пати во годината, само за голем и за мал Бајрам, пак не може? Тогаш макар еднаш во годината, за големата вечер, таа на Кад`р геџе?! И тоа не може? Кажи бре Пејо и ти Мозес, зарем свевишниот, милостивиот Господ, Бог, Зоти, Јахве, Алах, еден и единствен, ист и непроменет кој носи многу имиња, зарем не заслужува малку љубов од водачот на верниците, за во име на Господ, на Алах, да се измачиш и да се искачиш на минарето барем еднаш во годината? И тоа во име на љубов кон Бога, а не за инает на комшијата?!

Пејо: И јас се думам дали крстовите на врв на секоја планина се заради љубов кон Бога или заради инаетот со комшијата?!

Настрадин: Ич не се думај Пејо. Овој наш народ е ем галамџија, ем инаетчија.

Настана тишина. Ме чекаа мене повторно.

Мозес: Што мислите, дали Македонија ќе добие датум за преговори со Европската Унија?

И Настрадин Оџа и Итар Пејо се израдуваа на моето прашање, и нарачаа уште по една пијачка.

Настрадин: Браво бе дете, многу брзо учиш, тоа е вистинското прашање, иднината, датумот за преговори.

Пејо: Да ти е алал, Мозес Јудах бен Москони, се гледа дека си Охриѓанец. Ние скокаме, од Охрид, за Солун, Њуорк, за да те потсетиме дека има живот и преку овие планини. Ти зборуваме за други градови за да се сетиш дека Охрид, Скопје, Битола, Тетово, Прилеп не се центар на светот. Има и Брисел има и Стразбур. Брзо учиш. Ќе пишуваш ли сега, денес за датумот за преговори или…?

Јудах Мозес бен Москони: Напишано е веќе, но ќе го објавам во следната колумна, после чајот…

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...