Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев на вчерашната трибина во Тетово кажа дека откако најавил метла, дел од функционерите се препознале и сами се понудиле.
– Различни се понудите од функционерите – рече Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање, дали тоа значи дека понудиле оставка или поголем ангажман.
– Еден дел ја гледаат работата не низ призмата дали има нешто конкретно виновно за нив или не, туку велат „претседателе, ај уште сега можеби е добро да направиме чекори и тоа веројатно може и да помогне“, еден дел од луѓето се нудат да помогнат уште повеќе во делот на извршување на своите обврски. Но, генерално јас имам свој впечаток, јас не сум единствен, ниту се сметам себеси за нешто генијално и посебно. Ќе влезам веднаш после тоа во консултации со сите тие коишто ќе одлучуваат за тоа. За министер, заменик тоа е Парламентот, ако станува збор за директор тоа е Владата итн. Верувам дека имам исправно чувство, дека сум поприлично добро информиран човек и верувам дека знам да слушам од граѓаните, така што после изборите ќе следуваат промени – вели премиерот.
Тој порача дека ја примиле порака по првиот круг од изборите дека гласачите се разочарани од некои функционери и од одредени политики. За помалиот број гласови на контото на Стево Пендаровски, Заев вели дека не може да ја обвини ДУИ, оти и во многу чисти македонски средини многу гласачи не излегле.
Причината, според него, е само разочараноста. Дел од институциите, според него, не се контактибилни, дел бавно ги спроведуваат административните постапки кои граѓаните ги очекуваат, а за функционерите смета дека некои не толку одговорно, чесно и достоинствено им служат на граѓаните и оти се поставиле повисоко од народот.
– Еден дел од граѓаните кои добија голема чест да водат институции, да бидат директори, министри, носители на јавни функции, за жал, се изгубија во тој дел поради тоа што се отуѓија од народот, се поставија повисоко. Тоа се моите согледувања. Дел од задачите кои ги добија со поставување на тие функции не ги завршија. Знам дека граѓаните не очекуваат за 23 месеци сите да ги завршат работите, но очигледно тука е незадоволството и затоа најавив промени, чистка и реконструкции кои ќе се случуваат откако законот тоа ќе го дозволи. Од распишување на изборите до нивното завршување забрането е разрешување и именување. Но, промените ќе се случат и тие ќе бидат здрави и ќе ја испратат пораката за следните кои ќе дојдат да не се однесуваат така – порача Заев.
Премиерот рече и оти очекува граѓаните кои имале намера да ја испратат порака, сега ќе ја исполнат и граѓанската одговорност, односно ќе излезат да гласаат за да успеат изборите, бидејќи во спротивно тоа ќе значи нова политичка криза. Сепак, нагласува, трендот покажува оти во вториот круг секогаш излезноста е поголема.
Анализите на СДСМ, посочи тој, покажале оти граѓаните се разочарани од одредени функционери и политики, но не и од Договорот од Преспа. На референдумот, рече тој, излегоа 669.000, а „за“ гласаа 609.000 илјади.
– Ако вистинското мнозинство биле против, имаа можност на овие избори, а 319.000 се изјаснија за Гордана Силјановска Давкова, поддржана од опозицијата, односно од сите оние кои беа против Договорот. Истовремено, завршувањето на Охридскиот договор со Законот за јазиците не било причина, и тоа го видовме преку анализите – рече Заев.
Тој не верува дека опозицијата ќе бојкотира и тврди одговорно дека тоа нема да го прави ниту власта.