Титовизмот, милошевизмот и заевизмот (3)

Конечно, зошто ги предочувам сиве овие, за некои добро познати, за други здодевни детали? За да стане појасно колку и зошто е чудовишна споредбата на Гордана Силјановска на Јосип Броз Тито и Зоран Заев со Слободан Милошевиќ.

848

Тоа што го правеше и направи Слободан Милошевиќ со СФРЈ во деведесеттите години на минатиот век има корен не само во неговата идеологија која, од своја страна, има жив корен во неговата психологија, туку и во глобалниот политички контекст кој му одеше на рака. Која е главната одлика на тој контекст?

Политиката на Европската унија кон тогашната криза во СФРЈ е, во најмала рака, контрадикторна. За таа силна контрадикција која боде очи исцрпно и во детали, на повеќе од 100 странци голем формат, зборува Ц. Тодоров во својата книга „Сеќавање за злото, искушение за доброто“ (2001) Од една страна ЕУ се залага за опстанок на федарацијата. Макар и во некоја лабава, конфедерална форма. Од друга, таа ги помага, понекогаш отворено, а почесто премолчано, силните етноцентристичи тенденции на нејзините единки. Од каде тоа двојство во политиката на ЕУ кон кризата во тогашна Југославија?

Белградскиот правник С. Поповиќ мисли дека тоа двојство во политиката на ЕУ се потпира врз извесни промени на тогашната надворешна политика на САД која го измести акцентот од принципот „непроменливост на границите“ кон оној легитимно право на народите на „самоопределување“. До тоа изместување дошло во резултат на обедувањето на двете Германи (СРГ и ДДР) по падот на комунистичката идеологија во источниот свет. Очигледно е: како и во многу други случаи, стварноста е таа која менува принципи. Не принципите – стварност. Зошто? Не е можно да се држи до принципот „непроменливост на границите“ и да се признае обединувањето на двете Германии.

Таа важна промена во надворешната политика на САД му доаѓа како кец на десетка на тогашниот претседател на СР Србија. Ако САД е на страната на принципот право на народите на „самоопределување“, тогаш таа суперсила е и на негова страна. Имено, сега ниту САД ниту ЕУ можат било со правни, било со логички аргументи да го оспоруваат неговиот Устав од 28 септември 1990 кој прогласи фактичка независност на СР Србија. Ако не можат да го оспоруваат, ако, од друга страна, се залагаат за спас на федарецијата макар и во лабава, конфедерална форма, тогаш станува јасно и двојството во тогашната политика на Слободан Милошевиќ. Од една страна тој е кооперативен со западниот свет кога привидно ја брани федерацијата. Од друга, не прави друго освен што ја следи таа политика на Запад кога прогласува независност на СР Србија. Двојството во политиките на САД и ЕУ одат рака под рака со двојството на Слободан Милошевиќ.

Претседателот на СР Србија има, во тоа време, контрола на ЈНА и тоа добро го знае тогашното Претседателство. Не може да не знае, исто така, дека промените во политиката на САД на свој начин го бранат дрскиот сепаратизам на Слободан Милошевиќ кој е, во најмала рака, исто толку демонстрација на сила колку и политика со оглед на „новите околности“. Затоа што го знае, треба да се рече: тоа Претседателство не само што е парализирано од страв (претседателот на СР Србија веќе има конрола над ЈНА), туку и добро проценува (најверојатно) дека тогашните политики на западниот свет му одат барем исто толку на рака на човекот кој отворено работи против спасот на федерацијата, колку што му одат на рака на легално и легитимно Пртседателство кое, според тогашните, важечки закони на СФР, требало да го обвини за „велепредавство“ (С. Пповиќ).

Има посебна глава („Милошевиќ, немотивисано зло“) во книгата „Горка суза после“ на С. Поповиќ која зборува за психолошкот лик на Слободан Милошевиќ. Таа глава дава добра основа да се мисли дека психологијата на некоја политичка фигура е не помалку важна од нејзината идеологија. Или, уште подобро, таа идеологија има жив и жилав корен во психологијата. Не е тајна дека не само идеологиите, туку, понекогаш, и цели филозофски системи се некој вид фасади зад кои се крие волјата (сака) на некоја политичка фигура. Милошевиќ не бил ниту некој убеден, ортодоксен комунист. Не бил ни радикален етноцентрист (националист). Најмалку бил некој човек кој ужива во погодностите и славта кои добро одат со високата власт. А што бил? Кога С. Поповиќ посега по формулата „немотирано зло“ на англискиот писател Колриџ, главна одлика на политичката филозофија на Слободан. Милошевиќ, тој не вели ништо друго освен дека се работи за лик кој ужива во „злото заради зло“: како Јаго во „Отело“ на Шекспир.

Конечно, зошто ги предочувам сиве овие, за некои добро познати, за други здодевни детали? За да стане појасно колку и зошто е чудовишна споредбата на Гордана Силјановска на Јосип Броз Тито и Зоран Заев со Слободан Милошевиќ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...