Дијалогот продолжува, на вечерашната средба се разговараше на две теми – претседателските избори и реформските закони. Од утре со работни групи ќе разговараме за законот за СЈО. Ние остануваме на ставот дека овој тим треба да остане. Очекувам да се постигнат услови да се донесе законот консензуално, изјави вечерва премиерот и лидер на владејачката партија Зоран Заев, по неколкучасовната средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Ќе направиме сѐ процесите да се одвиваат во вистинскиот правец. Имавме конструктивен приод и од Мицкоски. Јас ќе останам позитивен. Ние сме исправени пред сериозни историски одлуки. Секој ќе ја носи својата одговорност. Очекувам преку разговорите на работните групи да се дојде до консензус. Процесот на помирување треба да продолжи. Чувствувам позитивен однос и за тоа од опозицијата – рече Заев.
Тој истакна дека не го прифатил барањето на Мицкоски, опозицијата да биде предлагач на идниот јавен обвинител.
Во врска со претседателските избори, премиерот рече дека за изборите да бидат кристално чисти, ако бара опозицијата, ќе бидат обезбедени и дополнителни набљудувачи.
– Не сакаме да дадеме ниту еден аргумент за неправилности пред датумот за преговори во јули – беше дециден премиерот.