Град Скопје денеска ја презентираше Програмата на активностите од областа на заштита на животната средина и природата на територијата на градот Скопје за 2019 година.
– Многу често слушаме дека проблемот со загадувањето ни одзема и животи и пари, наша должност е да го решиме овој проблем – рече Никола Наумовски, шеф на кабинетот на градоначалникот на Скопје.
Тој додаде дека оваа година Градот Скопје го зголемил буџетот за животна средина за триесет проценти во однос на лани.
– А во 2018 тоа беше најголем буџет за животна средина досега. 186 милиони денари ќе се потрошат за оваа намена. Тоа е 3,5 проценти од оперативниот буџет на Град Скопје. Но реално пари за животна средина ќе има многу повеќе имајќи ја предвид пречистителната станица како капитален проект, исто како и зазеленувањето и новите паркови. Ги исполнуваме ветувањата. Однапред се радувам што во 2020 ќе го имаме првиот зелен кров во Скопје, процесите доцнат поради административни причини. Ќе биде платен од буџетот на секторот за животна средина и во соработка со УНДП – додаде Наумовски.
Лилјана Ончевска Наџинска, помошник раководител на Секторот за заштита на животната средина, зборуваше за проблемите со кои се соочува Град Скопје, притоа посочувајќи дека и други сектори работат на заштитата на животната средина.
– Има проблеми со голема миграција во Скопје, минимум 50.000 возила дневно влегуваат во градот, голема сообраќајна гужва, огромно загадување на воздухот, неповолен еколошки отисок од 8,1 глобални хектари по глава на жител и слично – рече таа.
Области кои ќе бидат опфатени со Програмата на Градот се заштита на амбиентен воздух, води, почви, отпад, климатски промени…
– За заштита на амбиентен воздух предвидени се средства во износ од 94.700.000 денари, во кои спаѓаат и субвенциите за чистење оџаци, за набавка на печки на пелети, бесплатен превоз кога воздухот е алармантно загаден и слично – појасни таа.
На прашање дали ќе се субвенционираат и пелети, таа одговори дека мерката е од еколошки карактер а не од социјален.
– Ако некој сака, и печки и пелети да му дадеме, ќе ги продаде. Многу е тешко – одговори Ончевска Наџинска.
За заштита од бучава предвидени се 6.000.000 денари, за заштита на водите 18.000.000 денари.
– Во врска со заштитата на почвите работиме на заштита од порои и заштита од ерозија. Се вршеше мониторинг на почви загадени од тешки метали, добивме неочекувано позитивни резултати. За почви сега се предвидени 6.000.000 денари – рече Ончевска Наџинска.
За климатаки промени се планирани 26.200.000 денари, а за унапредување на зеленилото предвидени се 8.000.000 денари.
– Имаме и еден новитет кој во Америка и други земји веќе го има. Се работи за одржливи јавни градини какви ќе имаме и кај нас – додаде Ончевска Наџинска.
Предвидени се и средства за заштита и унапредување на парк шумата Водно, унапредување на споменикот на природата Кањон Матка, заштита и унапредување на природата во Гази Баба, заштита на биодиверзитет…
– За здравје и благосостојба на луѓето ќе ни бидат потребни 5.450.000 денари. Едното од испитувањата е утврдување на дистрибуција и концентрација на тешки метали во плодови од овошни растенија во скопски регион – нагласи таа.