Претседателот на Собранието Талат Џафери, на 24 мај ќе ја предводи државната Делегација за одбележување на традиционалната манифестација „Македонија во Чест на Св. Кирил“, во Светата Столица во Рим.
Џафери ќе биде придружуван од координаторите Јован Митрески, Никола Мицевски, Ејуп Алими, пратеничката Ирена Стефоска, претседател на Комисијата за култура во Собранието, пратеникот Крсто Мукоски, Цветанка Иванова, генерален секретар на Собранието, вицепремиерот Кочо Анѓушев, Виктор Димовски, државен секретар во МНР, Владимир Лазовски, заменик министер за култура, како и Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верски заедници.
Државната делегација ќе присуствува на аудиенција кај Светиот Отец на Римокатоличката Црква во Ватикан, по што претседателот Џафери ќе оствари средба со Папата Франциск и со државниот секретар на Светата Столица кардиналот Пјетро Паролин.
Претходно, ќе се одржи молебен во Базиликата Сан Клементе во Рим, каде што македонската делегација ќе положи венец на гробот на Св. Кирил.
Дел од годинешното чествување на сесловенските просветители браќата Св. Кирил и Методиј во Рим, македонската делегација ќе го реализира заедно со Делегацијата на Народна Република Бугарија.
Делегацијата, предводена од претседателот Џафери ќе присуствува и на молебенот на Народна Република Бугарија во Базиликата Сан Клементе, а потоа двете делегации ќе присуствуваат на положувањето на цвеќе пред плочата на Република Северна Македонија во чест на Св. Кирил во Базиликата Санта Марија Маџоре.
Во вечерните часови, македонската и бугарската делегација ќе организираат заедничка културна програма, на која свој настап ќе имаат уметниците од Македонија, Весна Гиновска Илкова и Дино Имери.