Јас сум претседател на Собранието и според Уставот, оваа функција е неспојива со други функции, одговори Талат Џафери, собранискиот спикер на новинарско прашање дали е можно да биде наследник на Али Ахмети, ако тој навистина се повлече од лидерската позиција во ДУИ откако Македонија ќе влезе во НАТО, како што изјави пред неколку години.
Ахмети во изјава за албанска телевизија во 2014 година рече дека ќе се повлече од лидерската позиција кога Македонија ќе стане членка на НАТО.
Откако лидерот на ДУИ го најави своето повлекување во албанските медиуми, ДУИ во македонските медиуми појасни дека тој тоа го рекол за да истакне колку му е битно членството во НАТО.
„Не треба да се очекува Ахмети да се повлече од лидерската позиција во ДУИ и од политиката додека не ја оствари мисијата за евро-атлантска интеграција на Македонија“, се вели во изјава на ДУИ дадена за сега веќе згаснатиот дневен весник „Дневник“
Функционери на ДУИ, тогаш изјавиле дека не станува збор за брзо заминување на Ахмети, а како потврда на тоа навеле дека не се подготвува кадар за негов наследник и дека од основањето во 2002 година на ниту еден конгрес на партијата Ахети немаше противкандидат за функцијата претседател на партијата.
Во времето се шпекулираше дека Теута Арифи и Изет Меџити имаат амбиции да го наследат местото на Ахмети, но тие ги демантираа ваквите информации.