Шесткратниот шампион Новак Ѓоковиќ (Србија) се квалификуваше за третиот круг на „Мастерс“ турнирот во Мајами со награден фонд од 8,36 милиони долари.
Ѓоковиќ, кој е број 1 на светската АТП листа и лидер во главната шема на турнирот, го победи Бернард Томиќ (Австралија) со 7:6 (2), 6:2 за 74 минути игра.
Во третиот круг, Србинот ќе игра против Федерико Делбонис (Аргентина), кој го елиминира број 32 во шемата, Џон Милман (Австралија) со 7:5, 3:6, 7:6 (2) за два и пол часа игра.
Бранителот на титулата и седми носител, Џон Иснер (САД) нанижа 20 аса при победата над италијанскиот квалификант Лоренцо Сонего со 7:6 (2), 7:6 (7).
Шампионот од „Мастерс“ турнирот во Индијан Велс и трети во шемата, Доминик Тим (Австрија) отпадна во вториот круг по поразот од 22-годишниот Хуберт Хуркач (Полска) со 4:6, 4:6. Полјакот направи два брејка во двата сета за да се поздрави со успехот.
Број 5 во шемата, Кеј Нишикори (Јапонија) исто така го напушти турнирот. Тој претрпе пораз од Душан Лајовиќ (Србија) со 6;2, 2:6, 3:6. Во третиот круг Лајовиќ ќе игра против Ник Кириос (Австралија), кој оствари триумф над квалификантот Александар Бублик (Казахстан) со 7:5, 6:3.
Французинот Гаел Монфис откажа учество поради повреда на ахиловата тетива. Број 12, Милош Рациќ пак продолжува без натпревар по повлекувањето на неговиот ривал Максимилијан Мартер (Германија) поради повреда на коленото.
Во други средби од втората рунда. број 17 Николоз Басиашвили (Грузија) го победи Миша Зверев (Германија) со 6:3, 6:2, број 11 Борна Чориќ (Хрватска) го совлада Роберто Карбаљес Баена (Шпанија) со 7:6 (7) 0:6, 6:2, а во францускиот судир Џереми Шарди победи против број 23, Жил Симон со 6:4, 6:2.