Што мисли Славој Жижек за „Играта на троновите“?

Вмешаноста на идеологијата во серијалот, идеолошките конфликти присутни во неа, предизвикуваат уплав и страв. Едниот од тие уплави е идеолошки - страв од револуцијата.

1202

Голема врева се крена по завршувањето на серијалот „Игра на троновите“, еден од најгледаните епско-фантастични остварувања на сите времиња. Реакција имаше од сите страни, зашто приказната нема да има продолжение и нема да се снима, (а писателот Џорџ Р.Р. Мартин е активен и сѐ уште пишува). Постојат негодувања и неприфаќања на нејзиниот крај, во кој надвладува злото, а неправдата доминира. Како интересно толкување на „Играта на троновите“ се изделува она на словенечкиот филозоф Славој Жижек, кој со својот препознатлив луциден стил, отвора клучни прашања за серијата, но и за времето во кое живееме денес. Затоа е интересно тоа да се анализира.

Жижек смета дека сите недоразбирања во „Играта на троновите“, особено оние сврзани со крајот, произлегуваат од идеологијата. Да, вмешаноста на идеологијата во серијалот, идеолошките конфликти присутни во неа, предизвикуваат уплав и страв. Зарем може да има толку многу уплав и идеологија во вакви серијали, ќе запрашате. Да, има идеологија, и тоа како. За тоа Жижек дава и конкретна експликација.

Идеолошки и феминистички уплави

Едниот од тие уплави е идеолошки, а другиот е феминистички. Првиот е страв од револуцијата, а вториот е страв од моќта на жената, дури и кога таа се бори за новото. Според тоа како овие два аспекта на стравот се толкувани (бегањето од радикалните револуционерни промени и учеството на жените во политиката), оваа серија не нѐ направи помудри, смета Жижек. Затоа што револуцијата како револт против тиранијата не треба да биде само борба за „враќање на старата, добродушна верзија на истиот хиерархијски поредок“, туку треба да се трага „по нов поредок кој е потребен“. Инаку, без тој нов поредок сѐ е вртење во круг.

Од друга страна, феминистичкиот мотив на силната жена, исто така, може да биде привид, бидејќи истата таа жена во серијалот и самата подлегнува на моќта која, во суштина, морално ја разјадува и ја уништува. Во овој контекст, Жижек го спомнува и Вагнер, кој сметал дека „нема ништо полошо од жената која се меша во политичкиот живот, водена од желбата за власт“. Спротивно на машката амбиција, жената ја сака моќта за да ги реализира интересите на своето семејство „и својот личен каприц, бидејќи е неспособна да ги регистрира универзалните димензии на државната политика“. Сето тоа добива призвук на антифеминизам. И уште нешто, што не зборува во прилог на жената во серијата, е оној миг кој Жижек го издвојува како „најниска точка на која се спушта дијалогот во `Играта на престолите`. Тоа е мигот кога Денерис му вели на Џон: ако не може да ја сака како кралица, тогаш нека завладее стравот. „Тоа е понижувачки, вулгарен мотив од сексуално незадоволената жена која експлодира во деструктивен бес“, вели Жижек.

И мотивот за вистинскиот револт, и мотивот за вистински храбрата жена потфрлуваат на крајот од серијалот „Игра на троновите“. Веројатно и од таа страна доаѓаат незадоволствата и реакциите од гледачите и стручната критика. Денерис покажува дури и нагон за убивање. А може ли безмилосното убивање на илјадници обични луѓе во Кралското Пристаниште да се оправда како нужен чекор кон универзалната слобода? Сигурно не. Кралицата на автономното кралство на Северот, Санса, всушност е омилен тип на жена на современиот капитализам: „таа ја спојува женствената мекост и разбирање, со вистинска доза на интрига, па така се вклопува во новите односи на моќта“. Сепак, вели Жижек, треба да се присетиме дека сценариото „го напишале двајца мажи“. На престолот доаѓа Брен, но каква е таа правда кога новата елита презриво се смее на барањето за демократичност? Осмата сезона е карактеристична според битките меѓу човештвото и нечовечките „Други“, потоа меѓу злите Ланистери и коалицијата која им се спротивставува (Денерис и Старкови), и на крајот „внатрешниот конфликт меѓу Денерис и лозата Старк“ (текстот на Жижек кој го цитиравме, од „Индепендент“ на македонски јазик го преведе Лени Фрчкоска, а на српски Милица Јовановиќ).

Размислувањата на Бодријар за „транспарентноста на злото“

Ова размислување на Жижек би сакале да го прошириме на повеќе домени и дисциплини од современиот свет во кој живееме, пред сѐ, на филозофијата. Темата на злото, убиствата, борбата за превласт и одмаздата, кои се присутни во „Играта на тронови“, директно или индиректно асоцира на многу состојби од нашиот современ свет. Францускиот филозоф Бодријар напиша цела книга за “транспарентноста на злото“ кое е насекаде околу нас. Звучи апсурдно, но според она што го вели Бодријар, енергијата во општеството повеќе доаѓа од негативните сили кои стануваат движечки, а позитивните страсти сѐ повеќе се заменуваат со негативните. Сѐ е во знакот на она што е „наспроти“ (a rebours), на инволуцијата на вредностите во сите домени. Во таа смисла, постојано се наметнуваат зборови кои се во оптек: омраза, одбивање, немилост, не сакам, одмазда, нема консензус, не преговарам, непомирување, одбивање, негирање, аверзија, алергија. Велат дека во крајот на „Играта на троновите“ победува злото, ако е така, тогаш кому таквата порака е упатена и зошто? Или сите негативни реакции за серијалот се само резултат на претерувања, а суштината е во она што го вели писателот Стивен Кинг, според наводите на Жижек: „незадоволството не е генерирано од лошиот крај, туку од самиот факт дека крајот наближува. Во епоха на серии кои, во принцип, би можеле да продолжат бескрајно, идејата за наративното затворање станува неподнослива“. Се разбира, под еден услов: ако во оваа изјава нема идеологија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...