ЈП Паркинзи на Општина Центар во координација со СВР Скопје и инспекторите на Општина Центар и со асистенција на сообраќајната полиција и полициската станица „Беко“, денеска ги расчистуваа и дислоцираа дивите пазарџии и нелегално поставените тезги околу „Зелен пазар”.
„По барање на жителите од околните објекти, ЈП ПОЦ во соработка со надлежните институции почна да ја спроведува оваа акција со цел да се расчисти метежот на паркиралиштето и да се заштити загрозената безбедност на движење, како и да се спречи опасноста по здравјето на жителите, купувачите и продавачите поради продажбата на производи во нехигиенски услови“, соопшти ПОЦ.
Оттаму наведуваат дека за да се зголеми безбедноста на граѓаните, која, како што велат, е загрозена од дивите тезгаџии кои преноќуваат во влезовите од околните згради и хигиената која е нарушена од отпадот и сметот кој го оставаат по затворањето на пазарите, оваа акција ќе се спроведува редовно и ќе се санкционираат и дислоцираат дивите пазарџии и нелегално поставените тезги околу „Зелен пазар“.