Премиерот Зоран Заев доби друг предлог од владиниот партнер Али Ахмети за министер без ресор за странски инвестиции. Ахмети се премисли и наместо Ибрахим Дехари, сега Хисен Џемаили го предлага за таа функција, откако првиот не се нафатил да биде министер.
Министерската фотелја за странски инвестиции се испразни по смената на Зоран Шапуриќ.
Џемаили за Плусинфо потврди дека ја прифатил понудата на лидерот Ахмети. Сега се чека на виза од премиерот Заев за и тој ресор да се пополни.
Според телевизијата Алсат, Дехари ја одбил понудата бидејќи станува збор за министерство наменето само за задоволување на политички апетити и дека не придонесува ништо добро за општеството.
Наспроти ова, Џемаили не размислува како сопартиецот.
– Го прифатив предлогот на лидерот Али Ахмети за министерската функција. Битно е Владата да е силна и што повеќе да придонесеме за општеството – ни изјави Џемаили.
Џемаили е асистент – професор по географија на Тетовскиот универзитет. Претходно тој беше советник во Општина Тетово, а во мандатот од 2008 до 2011 беше пратеник.
Џемаили кој во конфликтот во 2001 година беше во редовите на ОНА, ќе остане запаметен и како обвинет во еден од четирите Хашки предмети и како еден од пратениците на кој му беше одземен имунитетот. Тој беше обвинет за Хашкиот предмет „Малтретирани градежни работници од Маврово“. Тогаш по Џемаили беше распишана потерница бидејќи два месеца не се појавуваше ниту во Собранието ниту во суд.
Откако Собранието во 2011 година го донесе Автентичното толкување на Законот за амнестија, Хашките предмети се затворија.