Пилотот на тимот на Мерцедес, Луис Хамилтон изјави дека шампионскиот трофеј од првенството во Формула 1 му го посветува на легендарниот тркач Ники Лауда, кој почина оваа година.
Британецот на две трки пред крајот на сезоната и теоретски го обезбеди првото место и шестиот наслов светски првак во Ф1, откако синоќа на Гран-прито во САД го заврши на втората позиција.
– Оваа сезона е за Ники Лауда, мојот прекрасен пријател и ментор, кого го загубивме годинава. Тој докажа дека храброста и решеноста одат рамо до рамо. Ова е за тебе Ники. Јас ќе продолжам да те правам горд на мене – напиша Хамилтон на Твитер.
Ники Лауда почина во мај 2019 година. Имаше 70 години. Од 2012 година, тој работеше како неизвршен директор на Мерцедес. Тој три пати бил светски шампион, два пати како возач на Ферари, еднаш за Мекларен.
ФОТО: EPA/ VALDRIN XHEMAJ