„Фортонмка“: Ќе растат цените на становите во Центар и во Карпош

746

Цените на становите ќе останат стабилни, освен во општините Центар и Карпош каде се очекува зголемување на цената доколку продолжи сегашната ситуација со помал број одобренија за градба, а поголем број продадени станови, покажуваат податоците од пазарот на недвижности што денеска ги презентираше „Фортонмка“, консултантска компанија за недвижен имот.

Во овие две општини се и највисоки цените за квадрат, односно во Центар просечната цена за метар квадратен без ДДВ изнесува 1.062 евра, а во Карпош 1.022 евра.

– Се продаваат повеќе станови отколку што општината издава одобренија за градба и природно е доколку овој тренд продолжи побарувачката да биде многу поголема и да има притисок врз цените. На краток рок нема да има импликации, но доколку овој тренд продолжи, тоа ќе се случи – истакна извршниот директор на „Фортонмка“, Влатко Богоевски на денешната прес-конференција.

Аеродром е традиционално една од општините каде најмногу се гради во последните години и каде се издаваат најмногу одобренија за градба. Така, во 2019 година во оваа општина се издадени 1.542 одобренија за градба. Цената за метар квадратен изнесува 909 евра за метар квадратен.

Очекувањата се дека во следниот период ќе растат и цените за трговските центри, додека цените за канцелариски простор ќе останат стабилни.

– Нема слободен простор во шопинг центрите како „Сити мол“ и „Рамстор“. Се бара место повеќе. Ова е некарактеристично за која било земја. Ова кажува дека интересот за локации во шопинг центрите е многу голем од страна на брендовите – истакна Богоевски.

Цената за атрактивна локација во шопинг центрите е 39 евра за метар квадратен, а просечната цена на локациите се движи од 9 до 21 евро.

Годинава се очекува да биде готов трговскиот центар во Охрид кој се гради кај автобуската станица, додека во Скопје очекувањата се дека во 2021 година ќе биде готов „Gate mall“ кој ќе биде најголем во државата со површина од 56.800 метри квадратни нето површина. Ќе се гради и „Џевахир мол“ на околу 16.000 метри квадратни.

Податоците на „Фортонмка“ покажуваат дека Скопје е град во кој степенот на поврат од инвестициите е помал во споредба со регионалните центри во Србија, Бугарија и Романија.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...