Ракометарите на Еурофарм Работник ги освоија првите бодови во Лигата на шампионите. Вечерва во Битола совладан е финскиот шампион Кокс со 31:30 (17:13) во драматичен натпревар со што како што рече ракометарот Филип Чурлевски, „скршен е мразот“ во Лига на шампионите.
– Одигравме жесток и драматичен натпревар, го скршивме мразот и победивме. По трите порази конечно добивме нов импулс, поттик за уште подобри натпревари во Лигата на шампионите – изјави Чурлевски.
Еурофарм Работник натпреварот го почна ефикасно и со постојано водство од 5-6 голови разлика, но во вториот дел заморот си го стори своето и им овозможи на гостите во 40-та минута прв пат да израмнат на 20:20, а потоа и да поведат за драма во финишот која ја реши репрезентативниот голман Никола Митревски овозможувајќи прва радост на домашниот тим и публика.
Кај битолските „фармацевти“ најефикасен беше Остроушко со осум постигнати голови, додека кај гостите се истакна Таминен со шест погодоци.
ФОТО: МИА