Уште пред две години ревизорот предупредил за фушерската фасада на МЕПСО, скопскиот ураган откри дека истрагата затаила

1343

Силниот ветер што го откорна стиропорот и ја соголе административната зграда на АД МЕПСО не само што откри изведба на градба со сомнителен квалитет, туку и ист таков фушерски однос и на државните инситуции кон ова скандалозно и неодговорно работење во државната компанија која била предупредена од ревизорите за сите фалинки уште пред две години.

Плусинфо дознава дека за пропустите што ги констатирале државните ревизори знаелe и Владата и Обвинителството, а и компанијата и Управата за финансиско разузнавање и никој не успеал да открие кој е виновникот за „несовесното и неодговорно“ работење поради кое можеше да се случи многу поголема трагедија, освен материјална штета.

За тоа дали квалитетот на градбата е во согласност со барањето на јавната набавка и како се одвивал надзорот додека траела изградбата на барокната фасада, Обвинителството на Вилма Русковска допрва ќе утврдува со новата истрага, но никој не покренува барање за одговорност за пропустите во изведбата на фасадата за кои Државниот завод за ревизија алармирал уште пред две години.

Државните ревизори во извештај кој се однесува за финансиското работење на државните институции за 2016 година, констатирале многу неправилности во работењето на државната компанија, но биле забележани и пропусти при изведбата на барокната фасада на МЕПСО, кои како што велат од ДРЗ за Плусинфо, биле испратени и во Владата и во Обвинителството каде што бил отворен предмет, но истрагата сѐ уште нема епилог.

Како што дознава Плусинфо, ДЗР во декември лани, барал одговори од Обвинителството, во врска со нивните наоди, но не добиле никакво известување.

Дека првата истрага во МЕПСО била отворена врз основа на извештај од ДЗР, потврдуваат за Плусинфо и од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, но велат дека работата тогаш запнала во Управата за финансиско работење каде што обвинителот што го води предметот неколку пати досега испраќал ургенции  за предметот, но напразно.

– На 28.2.2018 година во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е пристигнат Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија, по извршена ревизија кај оператор на електропреносен систем на Македонија АД за пренос на електрична енергија (МЕПСО) во кој се содржани и констатираните пропусти во однос на дел од јавните набавки, меѓу нив и набавката за изведба на фасадата на здградата на МЕПСО. Надлежниот обвинител што предметно постапува по извештајот веднаш достави Наредба за прибирање податоци до Управата за финансиско разузнаање, а во изминатиов период се доставени неколку ургенции по истата, со укажување да постапат по наредбата во рок од 30 дена – велат од Обвинителството.

Откако покривот на МЕПСО беше одвеан и падна врз неколку службени возила на државната компанија, генералната дирекорка Ева Шуклева, откри дека за проектот насловен како „Реконструкција и адаптација на зградата“ кој имал за цел да се подобри енергетската ефикасност, претходната влада потрошила повеќе од 10 милиони евра. Според Шуклева, состојбата била наследена, а за пропусти во изведбата, ќе има и внатрешна ревизија која треба да ја утврди фактичката состојба за активностите што ги презел изведувачот според склучениот договор во 2013 година. Освен внатрешна ревизија, Обвинителството отвори истрага по допрен глас, а за Плусинфо објаснуваат дека е издадена наредба до МВР кое треба да изврши вештачење на документацијата на проектот според кој била реконструирана фасадата.

– По написите во медиумите за падната фасада на зградата на АД МЕПСО и ургентноста за постапување по овој настан, а имајќи го предвид предметот со Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори предмет по допрен глас со цел да испита дали квалитетот на градбата соодветствува со барањата содржани во јавната набавка, како и за текот на надзорот при спроведување на изведбата. За овој предмет надлежниот обвинител издаде наредба до Министерството за внатрешни работи за обезбедување и вештачење на севкупната документација за проектот насловен „Реконструкција и адаптација на зградата“ – велат за Плусинфо од Обвинителството за организиран криминал и корупција. 

Фирмата „Бетон Штип“, која сега е во стечај ја градеше фасадата, а за градежните работи од буџетот беа наменети повеќе од 11 милиони евра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...