Турција ја штити Македонија од мигрантите, ама на штета на ЕУ?!

Турција ги советува мигрантите да се движат преку Бугарија, Романија, Унгарија и Австрија, заобиколувајќи ги земјите од поранешна Југославија, вклучително и Македонија.

1240

Државната турска телевизија ТРТ деновиве објави мапа на арапски јазик која треба да им послужи на мигрантите полесно да прејдат од Турција до Франција или до Германија. На мапата се прикажани сите земји од регионот и преку нив се исцртани линии по кои бегалците треба да се движат, а интересно е тоа што ниту една линија не минува низ македонската територија.

Како што може да се забележи на графиконот, Турција ги советува мигрантите да се движат преку Бугарија, Романија, Унгарија и Австрија, заобиколувајќи ги земјите од поранешна Југославија, вклучително и Македонија.

Со ваквиот потег, коментираат домашните аналитичари, Турција јасно дава до знаење дека се обидува да ги заштити земјите коишто не се членки на европското семејство од негативните последици од бегалскиот бран, но, како што додаваат, Македонија и понатаму треба да биде максимално подготвена, бидејќи мапата не гарантира оти мигрантите ќе ги почитуваат турските препораки.

Универзитетскиот професор Лазар Лазаров за Плусинфо објаснува дека мапата што им ја дели Турција на мигрантите е резултат на одлуката на српскиот претседател Александар Вучиќ херметички да ја затвори границата со Македонија. Тоа значи дека, додава тој, постои огромна можност стотици илјади мигранти да останат заглавени во земјава доколку Србија не им го отвори патот.

– Огромна е бројката на бегалци коишто во моментов се стационирани на турска територија и кои чекаат да го продолжат својот пат кон Европа. Турција може во секој момент да ги отвори границите, но свесна е дека така ќе ѝ направи огромен проблем на Македонија ако бегалците пристигнат во земјава и ако не можат да излезат оттука. Српскиот претседател Александар Вучиќ се закани дека херметички ќе ја затвори српско-македонската граница, а тоа практично значи дека стотици илјади бегалци би можеле да заглават на наша територија. Токму затоа Турција ги советува мигрантите да го продолжат својот пат преку Бугарија и преку Романија. Во секој случај, треба да бидеме подготвени на секакво сценарио – вели Лазаров.

Еврокомесарот Јоханес Хан, пак, обвини дека отворањето на границите кон ЕУ е маневар на турскиот претседател со цел да се сврти вниманието од внатрешно-политичките проблеми.

„Тоа треба да се гледа од аголот на внатрешно-политичката ситуација во Турција“, истакна Хан во интервју за австрискиот весник „Стандард“.

Тој објаснува дека претседателот Ердоган е соочен со долготрајниот конфликт со Курдите, но и дека голема улога играат последиците од неуспешниот државен удар во 2016 година, како и тешката економска ситуација во Турција и геополитичкото опкружување.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...