Стефани Рис, поранешната американска професионална тенисерка, пред четири дена примила повик од кој стравува секој родител. Нејзините две деца, 15-годишниот Харисон и 13-годишната Шелби не се појавиле на училиште.
Откако не можела да ги добие своите деца ниту поранешниот сопруг Мајкл Хан на телефон, таа отишла до домот на Хан во Зионсвил, Индијана, но вратата била заклучена.
Тенисерката која денес го пренесува своето знаење на младите и која некогаш се натпреварувала на Вимблдон и УС Опен, имала чувство дека нешто се случило, па затоа повикала полиција.
Полицајците влегле во домот околу 10:30 наутро и ги пронашле Шелби и Харисон во кревет со прострелни рани, како и телото на нивниот татко, поранешниот сопруг на тенисерката, кој си го одзел животот со огнено оружје. Полицијата верува дека Хан ги убил своите деца додека спиеле, а потоа си го одзел животот.
– Како прво не можам да замислам некому да му го одземам животот, а камоли да ги убијам своите деца. Нечуено, некој не бил сосема свој кога го повлекол чкрапалото – изјавил началникот на полицијата Мајк Нилсен.
Засега е нејасно кога се случило страшното крвопролевање, со оглед на тоа дека никој од соседите не слушнал пукање. Нилсен одбил да открие дали на местото на злосторството е пронајдено проштално писмо, а покрената е истрага со цел да се утврди можниот мотив за убиствата и самоубиството.
– Пробуваме да дознаеме дали мотивите за ова злосторство лежат во семејното минато или разводот и да дознаеме што точно се случило – изјавил началникот.
„Колку што сфатив, немало голема драма околу разводот. Тие успеале да се договорат, а дури неодамна и се виделе на еден тениски меч. Не се случувало ништо што би укажало на ваков развој на настаните. Тие се развеле во 2017 година и пробале што помалку да ги мешаат своите деца во целиот процес. Можеби никогаш нема да дознаеме зошто ги убил децата“, изјавил Мајк.
Американските медиуми пишуваат дека Рис во декември поднела барање на Хан да му се скрати времето кое го поминува со децата и нејзиниот поранешен сопруг секој месец да се тестира за нивото на алкохол во крвта, на што тој подоцна се согласил.
Таа исто така, поднела жалба во август, жалејќо се дека Хан престанал да плаќа алиментација.
Мајк Нилсен рекол дека убиствата и самоубиството не влијаеле само на заедницата, туку и на полицијата.
– Ова е голема трагедија за оваа заедница и страшно е тоа што моите полицајци мораа да го видат тоа, сцената која ја затекнале ќе ги следи цел живот – заклучил Мајк.
Погребот е закажан за четврток.
ФОТО: ФБ