Освен борбата против самиот вирус, белгиските власти сакаат да се борат против дезинформациите и паниката што се шири кај граѓаните. За тие цели е отворена информативна веб страница на четири јазици: француски, холандски, германски и на англиски.
Страницата www.info-coronavirus.be ги содржи сите мерки за претпазливост и информации во случај на сомнеж на граѓаните и туристите, како и најчесто поставувани прашања и последни вести.
Иако постои загриженост, паниката не преовладува во земјата, ниту кај властите.
Министерката за здравство, Маги Де Блок, објаснува дека сите потребни мерки се преземени во случај да дојде до епидемија, назначена е една референтна лабораторија, и неколку секундарни лаборатории во помали болници со јасни инструкции. Но министерката одбива да презема „диспропорционални мерки“ и да попушти пред чувството на паника.
Од почетокот на појавата на вирусот во Белгија се тестирани 150 лица, сите се негативни, единствениот позитивен на ковид-19 е лице кое директно пристигнало од Кина.
– Штом се појави коронавирусот назначивме научна комисија која ни ги дава сите потребни информации, станува збор за посебна материја, нов вирус за кој сѐ уште не постои вакцина, така што можеме да сметаме само на традиционалните мерки за да ги третираме пациентите. Оваа комисија ме информира за специфичностите на вирусот: знаеме дека вирусот е позаразен, но не е поопасен, иако може да се случи мутација, но за сега е стабилен – вели Де Блок во интервју за весникот „Ле Соар“.
Паралелно, Научниот институт за јавно здравство има посебна единица која се занимава со менаџирање на ризиците и постојано се координира и со локалните власти и со европските и со Светската здравствена организација.
Белгија одбива да презема мерки какви што има во Италија моментално, бидејќи не се оправдани. Мерките во Италија се преземаат кога се прогласува второ или трето ниво на епидемија, што не е случај во Белгија, вели министерката.
– Нашиот приоритет е болеста да не се рашири во земјата, што не е едноставно бидејќи станува збор за респираторен вирус кој, по природа, не почитува граници – објаснува Де Блок.
Властите не преземаат засега други мерки освен оние за традиционалниот грип, што значи дека луѓето не мора во секој случај да бидат хоспитализирани, некои можат и од дома да се лечат.
Министерката вели дека нема да се воведуваат ниту мерки на аеродромите.
– Непотребно би било, знаеме дека за време на инкубацијата, пациентот е асимптоматичен, некои заразени пациенти никогаш не се ни разболеле – објаснува министерката.
Таа додава дека во иднина може да биде потребно да им се помогне на други европски земји со помал капацитет, но тоа не смее да биде на штета на сопствениот капацитет.
– Мораме да ги задржиме капацитетите во случај вирусот да се развие тука – додава таа.