Во Германија 17. случај на корона, во Софија двајца сомнителни

293

Во Германија е потврден 17-от случај на новиот коронавирус, а станува збор за човек од покраината Баден-Виртемберг кој бил позитивен по престој во Милано, соопшти германското Министерство за здравство.

Во соопштението објавено синоќа се вели дека 25-годишниот маж, кој најверојатно бил заразен за време на посетата на Италија, контактирал со властите, откако му се појавиле симптоми слични на грип.

– Тој беше позитивен за вирусот Ковид-19 и ќе биде во изолација во болница – се вели во соопштението.

Во Германија досега нема смртен случај од болеста.

Најлошата состојба во Европа е во Италија, каде има 10 жртви и повеќе од 320 заразени.

Уште еден хотел во Европа од денеска е во карантин поради појавата на новиот коронавирус. Станува збор за „Гранд Хотел Европа“ во австрискиот град Инсбрук, каде што рецепционерот, државјанин на Италија, се заразил од коронавирус.

Во Инсбрук се регистрирани првите две лица во Австрија кои се позитивни на вирусот наречен Ковид-19.

На почетокот од неделава, хотел на Канарските острови беше ставен во карантин бидејќи е потврдено дека гости на хотелот, брачна двојка, се позитивни на вирусот.

Во Воената медицинска академија (ВМА) во Софија ноќеска се примени две лица кои пристигнале од Италија и се под надзор затоа што имаат минимални симптоми слични на грип, соопшти генералниот директор на ВМА Венцислав Мутафчијски.

Како што јави агенцијата Бгнес, сумирајќи ја работата на Националниот оперативен штаб Мутафчијски утрово информира дека двете лица имаат минимални симптоми.

– За секој што доаѓа од странство – од области со ризик, системот се обидува да ги стави во карантин. Сите оние кои немаат никакви знаци на болест, треба да имаат домашна хигиена – објасни Мутафчијски.

Тој истакна дека од Романија доаѓаат лажни вести, дека во Русе има жариште на коронавирусот, што не е точно.

Државите во светот се подготвуваат за заштита од евентуално ширење на коронавирусот, од кој досега починаа 2.763 лица, а се заразени 80.970.

Најмногу заразени во Европа има во Италија каде што починаа 11 лица, а позитивни на вирусот се околу 300. Први случаи се забележани и во Хрватска, Швајцарија и Австрија, пренесува Си-Ен-Ен.

Во Велика Британија, но и во другите европски земји, учениците кои се враќаат од екскурзија се советуваат некое време да останат дома. Исто така, издадени се препораки да не се патува во Италија.

Властите во САД соопштија дека очекуваат ширење на заразата од новиот коронавирус наречен Ковид-19 и ги повикаа училиштата, компаниите и локалните власти да размислат за мерките на претпазливост како што е откажување јавни настани.

Шефицата на американскиот Центар за контрола и превенција на болести Ненси Месонер рече дека очекува ширење на вирусот во САД.

Австралискиот министер за здравство Грег Хант најави дека во Австралија ќе бидат затворени училиштата и ќе се откажат спортските настани доколку дојде до голема епидемија на коронавирусот.

Во Австралија се регистрирани 23 случаи позитивни на вирусот.

Нови случаи на вирусот се забележани и во Хонгконг, Бахреин, Тајланд, Филипини и Јапонија.

Бројот на починати од новиот коронавирус во Кина продолжува да се намалува, јавија светските агенции повикувајќи се на информации од кинеските власти.

Националната здравствена комисија соопшти дека вчера од вирусот починале 52 лица, наспроти 71 во понеделникот.

Покрај тоа, бројот на смртните случаи е најмал во последните три недели.

Во Кина од Ковид-19 досега починале вкупно 2.715 лица.

Новите потврдени случаи вчера изнесуваа 406, наспроти 508 во понеделникот.

Со ова, вкупниот број на потврдени случаи во Кина без Хонг Конг и Макао, изнесува 78.064.

Сите 52 нови смртни случаи од вчера се во Хубеи, епицентарот на епидемијата. Во понеделникот таму од вирусот починаа 68 лица.

Голем дел од новите случаи на заразени лица од вчера, 401 од 406 се во Хубеи.

Еден ден претходно, во централната кинеска провинција беа пријавени 499 нови заразени.

Според податоците од крајот на вчерашниот ден, во Хубеи се регистрирани 65.187 случаи на инфекцијата, а починале 2.615 луѓе.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...