Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) отвора конкурс за авторски текст/анализа на тема „Новинарски акредитации или лиценци за борба против лажните вести?“ што ќе биде објавен во октомврискиот број на електронската публикација „Новинарството како јавно добро“.
„Феноменот на лажни вести веќе подолго време го обременува јавниот дискурс и медиумите во Македонија, но и во светот. Досега речиси ниту една земја не најде вистински одговор на ширењето на лажните вести, кои особено брзо се шират преку онлајн медиумите и социјалните мрежи. Во македонската јавност изминативе месеци имаше низа дебати околу тоа како да се реагира на овој проблем“, се наведува во соопштението на ССНМ.
Во следното издание на електронската публикација, ССНМ сака да ја отвори темата за лажните вести и да ги види искуствата кои се користат во другите земји и дали и како тие функционираат.
Конкурсот е отворен за сите членови на ССНМ, кои можат да испратат апликација на адреса ssnm.info@gmail.com. Како што информира Синдикатот, таа треба да содржи лични податоци на кандидатот, име и презиме, мејл и телефон, новинарски жанр со кој ќе биде обработена темата и краток опис на аголот што не треба да биде повеќе од половина страница во ворд.
Авторот ќе биде избран од тричлена комисија според квалитетот и оригиналноста на пристапот содржан во апликацијата. Текстот ќе биде хонориран со 100 евра (бруто).
Електронската публикација „Новинарството како јавно добро“ е дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: справување со лажните вести“ во кој ССНМ е партнер на Македонскиот институт за медиуми, заедно со Медиа дајверсити институт од Лондон, Институт за комуникациски студии и Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги.