Домот на семејството Радески од кичевското село Белица речиси две години го развеселува срнче кое сопствениците како бебе го нашле во блиската шума, го згрижиле и го крстиле Бамби. Тие го чуваат срнчето како домашно милениче, а одвреме навреме му дозволуваат да прошета по беличката гора и пак да си се врати дома на сигурно.
– Беше мај месец 2018 година, додека одев низ шумата која е веднаш над нашата куќа го забележав, беше многу мало и многу мило, да имаше едвај неколку дена. Во прво време го чувавме дома, но кога нарасте со „штикличките“ кои му се многу остри почна да скока по креветите и насекаде, па моравме да му напраиме нова куќичка, веднаш до нашата. Сега таму го чуваме со сите нишани. Храна, моркови, банани, а јаде и мандарини му купуваме од Кичево – вели Кире Радески кој откако се пензионирал заедно со својата сопруга го напуштиле градскиот живот во Скопје и сега живее во ова преубаво село, дваесетина километри одалечено од Кичево.
Вели дека откако го вдомиле Бамби, во нивниот дом чести гости им се деца кои доаѓаат да го видат и заедно да му се радуваат на срнчето.