Среќна Нова 2020 година!

Редакцијата на Плусинфо, почитувани читатели, ви посакува среќна Нова година, многу здравје, многу љубов, благосостојба и успеси. 

951

Годинава што изминува беше полна со предизвици. За секој од нас. И за сите заедно.

Претседателски избори, битка за датум за преговори со Европската Унија, последни чекори кон членството во НАТО, одлука за предвремени парламентарни избори, нови проблеми со нашите соседи, многубројни афери, скандалозен распад на Специјалното јавно обвинителство, корупција, клиентилизам, манипулации, пропаганда, лажни вести, разочарувања, изневерени надежи…

И во новата 2020 година ќе се соочиме со истите предизвици и со една нова политичка битка со неизвесен исход. Да се надеваме дека луѓето што ја водат оваа земја, но и тие што имаат претензии да го преземат кормилото, конечно, наместо за популизам и за постојана борба за превласт, ќе се определат за вистински и коренити реформи во сите сфери во општеството. Реформи кои ќе значат и една нова перспектива за граѓаните, а посебно за тие од помладите генерации, кои сѐ повеќе ја напуштаат родната грутка.

Да имаме на ум дека исходот на оваа битка и патот по кој политичките елити ќе ја поведат Македонија не зависат само од волјата и од способноста на политичарите. Тие ја црпат својата моќ од нас, од нашата доверба, од нашите гласови. Затоа, посакуваме во оваа изборна година секој од нас мирно и спокојно, без одвишна страст, без пизма и омраза, да донесе сопствена, лична одлука, во каква земја сака да живее и што очекува од политичките лидери. А тие мора да ги почитуваат тие одлуки на луѓето од кои бараат мандат да владеат.

Човекот е политичко суштество. Сите ние се занимаваме со политика, секој на свој начин, затоа што таа, политиката, за жал, пресудно влијае врз нашите животи. Но сепак, покрај сите битки што ги водиме секојдневно, секој во својата средина, во годината што доаѓа да се обидеме да не заборавиме на себе, на своите најблиски и на малите радости што го прават животот посебен. Да споделиме љубов, меѓусебно почитување и грижа за оние на кои нашата помош и поддршка им е неопходна.

Редакцијата на Плусинфо, почитувани читатели, ви посакува среќна Нова година, многу здравје, многу љубов, благосостојба и успеси.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...