Препораки за подобар бизнис амбиент во 2020 година

395

Минатата недела беа накратко опфатени клучните барања на бизнис-заедницата во годинава што изминува. Логично, следуваат препораките за подобар бизнис-амбиент во 2020 година, токму како надоврзување на сето она што произлегува од барањата, иницијативите и предлозите на бизнис-заедницата, кои беа испорачани до носителите на државната власт оваа година.

Првите препораки се оние, општите, кои се упатени кон органите на државната власт, бидејќи нивното остварување зависи првенствено од нив, а тоа се следните:

1. Правна сигурност и владеење на правото

Бизнисот секогаш бара правна сигурност, стабилност и правен континуитет. Она што вообичаено го слушаме од компаниите-членки на Стопанската комора на Македонија е дека принципот на владеење на правото сѐ повеќе го поткопуваат проблемите поврзани со „сивата“ економија, корупцијата, нееднаквите правила на игра за сите чинители во економијата, дискреционите овластувања на надлежните институции вклучувајќи ги и судовите, бавните судски постапки, како и преголемата регулација во одредени подрачја и во случаи кога тоа не е неопходно. Оттука, препораката е јасна: деловното опкружување на земјата сѐ уште не е на задоволително ниво. Но, секако, ова не се нови проблеми, туку прашања кои повеќе години наназад се во фокусот на барањата на бизнисмените, со цел да се создаде поволна бизнис-клима, во која поттикнувањето на претприемачкиот дух и конкурентноста би биле основа за легитимен натпревар во остварувањето подобри деловни резултати.

2. Ефикасни и функционални институции

Довербата во институциите на системот е прашање од клучно значење и затоа треба да се вложат напори од страна на сите општествени чинители за преземање мерки, активности и промени кои ќе придонесат за јакнење на довербата и во државата како целина, и во судството, но и во сите релевантни јавни институции. Ефикасноста на институциите на системот во голема мера може да придонесе за поттикнување на економскиот раст, а со тоа и на благосостојба на граѓаните и подобри услови за живот воопшто.

3. Предвидлива деловна средина, што ќе овозможи компаниите да бидат навремено информирани за сите битни прашања, кои се претпоставка за нивните деловни планови. Едно такво прашање е правната регулатива, која треба да биде јасна, конзистентна, применлива и ефикасна. Тоа, во себе вклучува неколку битни препораки, кои бизнисот постојано ги упатува кон државата, поточно кон надлежните институции кои се јавуваат во својство на предлагачи или носители на закони и други подзаконски акти, а тоа се следните:

– Стоп за донесување или менување закони по итна (скратена) постапка!

– Стоп за донесување или менување прописи без консултации со засегнатите страни, a во конкретниов случај со бизнис-заедницата!

– Стоп за инцидентно донесување или менување на регулативата, која има финансиски или други последици по бизнисот, а притоа не е оставен соодветен рок за приспособување кон новините и за усогласување со тековните и идните деловни планови на компаниите!

Во услови кога можеме да сметаме дека првите препораки се остварени, компаниите се подготвени, исто така, со сопствените активности и определби за делување во 2020 година да дадат значаен придонес во унапредување на деловното опкружување и поттикнување на економскиот раст. Но, секако, и за тоа се потребни соодветни државни политики и стратегии, како поддршка на таквите определби. Трите претпоставки за подобар бизнис-амбиент, кон кои ќе бидат насочени компаниите во 2020 година, се следните:

1. Јакнење на извозните потенцијали на компаниите преку поголема регионална соработка меѓу компаниите од регионот на Западен Балкан, но и освојување нови пазари, како, на пример, земјите од МАГРЕБ, рускиот пазар и слично.

2. Активно и директно учество на компаниите во процесот на создавање квалификуван кадар за своите потреби, како преку разни видови на неформално образование, во смисла на дополнителна едукација и надградба на човечките ресурси со кои располагаат, така и преку сопствено учество во реализацијата на дуалните принципи на образование, во рамки на формалното образование, во соработка со Комората, средните стручни училишта и надлежните државни институции. Не помалку значајни се и активностите на компаниите, кои се во насока на спречување на масовната миграција на работоспособното население, а пред сѐ, на младата популација и обезбедување услови за подобар живот и работа во земјава.

3. Постои силна потреба од спроведување структурни реформи кои ќе ги поттикнат инвестициите, продуктивноста и создавањето работни места во индустрии со висока технологија. Затоа, прашање кое не треба да се заобиколи е унапредување на техничко-технолошкиот развој на компаниите, во насока на зголемување на мотивацијата на работниците и продуктивноста на трудот. Заедничка задача на сите е да ги зголемиме продуктивноста и конкурентноста на домашното стопанство, ако сакаме да донесеме економски живот за сите граѓани и младите да останат во земјава, а компаниите било да се домашни или странски, да бидат задоволни и мотивирани да инвестираат. Ние мора да работиме на зголемување на продуктивноста на трудот, а платите природно ќе се зголемат ако се зголеми и продуктивноста.

Среќна Нова година!

Извор: Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...