Со измените од лидерската, Законот за ЈО пратен до ВМРО-ДПМНЕ

933

Законот за јавно обвинителство, со вметнати измени кои произлегле од лидерската средба, од Министерството за правда е испратен до опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште во петокот и сега власта чека повратен одговор, велат од ресорот на Рената Дескоска.

Работните групи викендов немале официјални средби туку само неформални контакти. Оттаму велат дека средби нема да има ниту во иднина затоа што разговорите на оваа тема се издигнати на лидерско ниво и само од лидерите може да дојде и конечниот договор, а групите можат да договараат само технички детали.

Законот за јавно обвинителство изминатиот период беше клучен за да се реши судбината на СЈО, кое како институција според законот постои уште една година. Но со преземањето на предметите од страна на Јавното обвинителство, тој притисок е тргнат. Преземањето заврши во петокот и сега републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, треба да ги распредели. Тој може да ги додели на нови обвинители, но има можност и да ги додели предметите на истите обвинители од СЈО кои веројатно ќе се вратат во обвинителствата каде претходно работеа.

Нивното враќање на старите работни места треба да следува по денешната седница на Советот на јавни обвинители кој денеска треба да им го прекине мандатот во СЈО. Нивната досегашна шефица, Катица Јанева, која се наоѓа во притвор за случајот „Рекет“, пак, беше разрешена во саботата.

Уште една варијанта која е во игра за СЈО и неговите предмет, иако помалку веројатна, е партиите да се договорат за нов специјален јавен обвинител бидејќи според Закон институцијата постои уште една година. Тогаш редовното обвинителство би можело да ги да ги врати предметите во СЈО.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...