Реал изгуби се што можеше да изгуби оваа сезона за само шест дена, и тоа среде Мадрид. Со три порази на „Сантијаго Бернабеу“ за Купот, Примера и Лигата на шампиони, клубот ги изгуби речиси сите шанси за трофеј до крајот на сезоната.
По неуспехот против Ајакс во Лигата на шампионите, многумина се запрашаа дали Сантијаго Солари е човекот кој треба да продолжи да ги води „белите“ со оглед на серијата порази.
Самиот Аргентинец тврди дека нема да се предаде до последно и не размислува за оставка.
– Не дојдов тука за да се предавам. Тоа не е во моите вредности и во вредностите на клубот. Не мислам за такви работи. Не е моја работа да си поставувам оценки, има луѓе за тоа – изјави Солари по натпреварот.
Тој потврди дека тимот се наоѓа во многу сложен момент, но токму сега тие треба да покажат карактер.
– Многу е болно, особено за нашите навивачи, кои застанаа зад нас и во трите натпревари во оваа тешка недела. Ние направивме сé што е во наѓа моќ, но не успеавме да ги оствариме нашите цели. Многу е тажно за сите овие момци, бидејќи тие се три пати по ред европски шампиони и сега се многу тажни. Но неуспехот денес само покажува колку тешко се постигнати овие успеси и колку се вредни. Да, сезоната ни е тешка, но ние сме тим со карактер и треба да го покажеме тоа. Во најлесните моменти е лесно, секој јава на бранот. Сега сепак треба да покажеме од што сме направени – вели Аргентинецот.
Една од причините за неуспехот беше решението на Серхио Рамос да си добие жолт картон во Амстердам при 2:1 за неговиот тим, очигледно мислејќи дека веќе сè е решено. Покрај дополнителната казна за играчот, тоа доведе и до целосен неуспех во одбраната на Реал против Ајакс.
– Не сакам да зборувам лошо за другите момци во одбраната, не сакам и така да звучи. Но на нас многу ни недостигаше Серхио Рамос. Сепак, тој е капитен и лидер на овој тим. Но одлуките се одлуки и тренерот треба да ги земе. Бесмислено е да се коментира што би се случео, доколку ситуацијата беше поинаква – рече Солари.
ФОТО: EPA / Juan Carlos Hidalgo