Словенечкиот интернационалец Домен Сикошек Пелко (21) е нов член на европскиот ракометен шампион Вардар. Договорот со пикерот е за една сезона, со можност истата соработка да продолжи за уште две сезони.
Во кариерата Сикошек Пелко (202 сантиметри) има настапувано во тимот на Брежице каде ја почнува кариерата за младинските категории. Во сезоната 2013/2014 првпат е регистриран за сениорскиот тим на Кршко, но настапува за кадетите и за младинците.
Две сезони подоцна повторно се враќа во тимот на Брежице и една полусезона настапува за Добова. Од 2016/2017 е дел од тимот на Требње. Таму не доби соодветна минутажа па реши да замине во странство.
Во 2014 година тој беше дел од 30-мина што беа на поширокиот список за ЛОИ за репрезентацијата на Словенија.
– Голема чест и задоволство е кога може да ти се исполнат соништата и да добиеш шанса да играш за европски првак и институција каква што е Вардар. Знам дека ме чека уште многу сериозна и напорна работа и докажување, но и сигурен сум дека ќе дадам се од себе, па и повеќе од 100 отсто. Се радувам на соработката со тренерот Писонеро и со нетрпение го очекувам почетокот на подготовките – вели Скикошек Пелко, цитиран од сајтот на „црвено-црните“.