СДСМ и Беса на чекор до прва македонско-албанска предизборна коалиција

1421

Првата предизборна македонско-албанска коалиција ќе биде помеѓу СДСМ и Беса. Ова начелно било договорено викендов во разговори на високи партиски функционери од двете партии, брифира за Плусинфо висок функционер од Беса. Деновиве се очекува средба помеѓу лидерите на партиите Зоран Заев и Билал Касами кои ќе треба да ја детализираат соработката и  предизборната коалиција.

Според информациите, кај двете партии има согласност за соработка и проценката е дека предизборната коалиција помеѓу СДСМ и коалицијата и Беса е победничката опција која на Заев би му донела чист премиерски мандат.

Детали од разговорите засега не се отвкриваат, како што вели нашиот соговорник, барем додека не се сретнат Заев и Касами.

Според брифингот, за СДСМ начелно е прифатливо Касами да биде носител на Шестата изборна единица, како и добитни места на листите во останатите изборни единици.

СДСМ најави и  дека ДПА им се нуди за предизборна соработка, но неизвесно е дали партијата на Мендух Тачи ќе биде дел од коалицијата со оглед на испорачаните услови до Заев, Тачи да биде вицепремиер и во новата влада да не биде партијата на Али Ахмети.

Експремиерот Заев во петокот од Виница порача дека СДСМ е подготвена за коалицирање со сите партии, а особено со оние од албанскиот политички блок.

– Ние сме единствена партија која има голем избор за соработка со албанските партии, па јас очекувам дека ќе најдеме сили првпат да направиме предизборна коалиција со партии од албанскиот блок– рече Заев.

Коалицијата помеѓу СДСМ и Беса, ќе дојде откако Касами испадна од игра за трипартиска коалиција помеѓу Алијансата за Албанците, Алтернатива и Беса, која се најавуваше како добитна комбинација за уривање на ДУИ на Али Ахмети.

Лидерите на Алијанса за Албанците и Алтернатива Зијадин Села и Африм Гаши, пак, во петокот ставија параф за заедничка предизборна коалиција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...