САД го поздравија постигнатиот договор од страна на лидерите на Русија и на Турција, Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган, за решавање на кризата во сириската провинција Идлиб, надевајќи се дека тоа ќе помогне за деескалирање на ситуацијата, соопшти претставник на Стејт департментот.
– Ја поздравуваме веста за договорот меѓу Турција и Русија, односно прекинот на огнот во Идлиб. Се надеваме дека тоа ќе помогне за деескалирање на исклучително опасната ситуација и ублажување на сериозната хуманитарна криза – истакна тој.
Според него, „САД со нетрпение очекуваат да ги разгледаат деталите за развој на ситуацијата со својот сојузник во НАТО, Турција, која се стреми кон траен прекин на огнот“.
– Сега е важно какви точно дејствија ќе бидат преземени во зоната на воени дејствија од страна на сирискиот претседател Башар Асад и оние кои го поддржуваат. Тоа ќе покаже дали ќе се постигне трајно примирје. Единствен начин за решавање на тој конфликт е воспоставување примирје во целата земја и политичко решение преку преговори согласно резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН – смета претставникот на Стејт департментот.
Путин и Ердоган вчера во Москва постигнаа договор за прекин на огнот, кој стапи во сила на полноќ, и низа други мерки за решавање на ситуацијата во сириската провинција Идлиб. Од 15 март Руската Федерација и Турција ќе започнат заеднички патролирања низ автопатот М4 во Сирија од населбата Тромба до селото Аин ал-Хабр. Москва и Анкара се согласија за почитување на суверенитетот на Сирија и продолжување на борбата против тероризмот.
Фото: EPA/MICHAEL KLIMENTYEV/SPUTNIK/K