Извозната конкурентност и регионалната соработка – главни предизвици во 2020

Геостратешката положба на земјава и добрите економски односи со земјите од регионот на Западен Балкан може да доведат до зголемување на извозот и увозот со соседните земји.

89

Анализата за македонскиот извоз, која во 2017 година, по барање на Стопанската комора на Македонија, ја изготви Виенскиот институт за меѓународни економски студии, покажа дека подолг период не успеваме да ги решиме проблемите со неповолната индустриска структура, ниското ниво на извозна конкурентност и ниското ниво на продуктивност во економијата, што практично претставуваат најголеми ограничувања за развојниот потенцијал на земјата. Истото се потврдува и со најновата студија изработена за потребите на Стопанската комора на Македонија за мапирање на развојните можности и потенцијали за извозна диверзификација и структурна трансформација на македонската економија на ниво на поединечен производ. Анализата покажува дека клучен предизвик претставува ориентирањето кон вистински производни инвестиции кои ќе придонесат за раст на конкурентноста, а со тоа и раст на производството на стоки и извозот, што треба да достигне до 70% од БДП.

Анализите за извозните перформанси на земјава покажуваат дека најголем проблем е ниската додадена вредност на извозот и ниската извозна диверзифицираност од аспект на број на извозни компании, број на извозни производи и број на извозни пазари. За илустрација, само 3.500 или 5% од вкупниот број на активни деловни субјекти во земјата се извозни компании кои извезуваат во мал број земји (дури 77% од вкупниот извоз на земјата се пласира во само 10 земји). Дополнително, земјата извезува само 475 производи со компаративна предност кои доминантно се производи кои се карактеризираат со ниска додадена вредност. За компарација, Словенија како слична по големина со нас, од аспект на расположливи ресурси има над 6.000 извозни компании кои извезуваат повеќе од 1.100 производи со компаративна предност (доминантно производи со повисока софистицираност и комплексност) во над 135 земји во светот.

Практично, научните истражувања и анализи го потврдуваат тоа што ни се случува во практиката, односно она што секојдневно ни го кажуваат бизнисмените при посетите на компаниите ширум земјава. Разликата е што научните студии тоа го претставуваат на пософистициран и систематизиран начин, а бизнисмените ни ја доловуваат суштината со едноставни примери произлезени од секојдневните проблеми и потреби на компаниите. Пораката од бизнис-заедницата е дека за економски развој и напредок, покрај научните истражувања и анализи, потребно е секогаш да се дојде на лице место, да се сослуша оној кој има практични знаења и искуство за да може во вистинско време и со вистински средства да се преземат конкретни акции за посакуваните економски ефекти.

Од анализите, но и од посетите на компаниите, гледаме дека не ни преостанува ништо друго освен сериозно да се позанимаваме со тоа како да обезбедиме стручна и аналитичка поддршка за извозно ориентирани компании во насока на подобрување на нивните извозни перформанси.

Нашата задача би била да ги надминеме реалните бариери, кои претставуваат препрека за развој на бизнисот. Такви се, најопшто кажано, ограниченоста и безначајноста на малите иницијални пазари, недостигот на деловното искуство и недоволното познавање на општествената мрежа. Затоа, најдобро е да почнеме од почеток, да се свртиме кон поинтензивна соработка со соседите и со останатите земји од Западен Балкан и да ги искористиме сите потенцијали и предности што ги нуди регионалното поврзување, а реално тие се навистина големи, но се неискористени.

Геостратешката положба на земјава и добрите економски односи со земјите од регионот на Западен Балкан може да доведат до зголемување на извозот и увозот со соседните земји. Kолку се тие економски посилни, тоа е предност за нашата економија, а продлабочувањето на економската соработка и економските односи со тие земји ќе доведе до повисок економски раст. За илустрација, земјите од Западен Балкан се наш втор најзначаен трговски партнер или веднаш после ЕУ-28 и добро е што трговската размена на земјава со земјите од овој регион бележи константен пораст. Вкупната трговска размена на Република Северна Македонија во 2019 година со земјите од Западен Балкан изнесува 1,68 милијарди САД $, со раст од 8,4% споредено со 2018 година. Извозот изнесува 820,7 милиони САД $, со зголемување од 7,9%, додека увозот изнесува 867,4 милиони САД $, со зголемување од 5,7% во споредба со 2018 година.

Административните бариери кои го отежнуваат протокот на стоки и услуги и проблемите со инфраструктурното поврзување во регионот конечно треба да станат минато. Во таа насока, конкретен придонес на овој план се и неколкуте конкретни акции од изминатава недела, како што се донесената Одлука за олеснување на трговијата со овошје и зеленчук во регионот на Западен Балкан, на минатонеделниот состанок на Мешовитиот комитет на ЦЕФТА, кој се одржа во Тиват, Црна Гора, како и постигнатата согласност меѓу земјава и косовските власти за поедноставување на процедурите за извоз на производи од животинско потекло што се извезуваат во Косово. Јасно е дека за да има брз и непречен проток на стоки и услуги во земјите од Западен Балкан треба да се спроведат уште многу вакви активности, но со оглед дека и историјата и географијата се на наша страна, можеме да бидеме оптимисти.

Во такви услови, кога ни е потребно поттикнување на извозот, чие решение може да се гледа и во потенцијалите за јакнење на регионалната соработка, иницијативите како „Мал шенген“, активностите за унапредување на регионалната економска област, препораките на меѓународните институции за регионално поврзување, како и директните акции на националните власти од регионот за олеснување на протокот на стоки и услуги се само дел од акциите кои водат кон едно – подобро регионално поврзување како поттик за раст на секоја национална економија во тие рамки, од една страна, а воедно и подобро регионално поврзување како предуслов за подобро интегрирање во ЕУ, од друга страна.

(Авторката е  главен советник на УО на Стопанската комора на Македонија за правни прашања)

ИЗВОР: Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...