Фондацијата Реал Мадрид Кампус Експирианс доаѓа во Македонија со проект за фудбалска едукација на момчиња и девојчиња на возраст од 7 до 17 години.
Кампот ќе се одржи летово на терените кај комплексот на ФФМ и ќе има едукативен и рекреативен карактер со цел промоција на спортскиот живот и социјален развој.
Поддршка на овој проект даде и Агенцијата за млади и спорт.
– Ние како Влада и Агенција за млади и ги поддржуваме младинските категории спортисти. Се надевам дека овој камп ќе им помогне на македонските млади спортисти и дека од него во иднина ќе произлезат и репрезентативците кои ќе ги бранат боите на Македонија – рече Дарко Каевски, директор на АМС.
Фондацијата на Реал Мадрид е присутна на пет континенти со повеќе од 3.500 учесници.
Со македонските млади фудбалери ќе работат тренери од Шпанија, на секои 20 деца по еден тренер, а на крајот учесниците ќе добијат сертификат за учество.
Директорот на Фондацијата на Реал Мадрид, Хоакин Сагес Блеса, очекува кампот да предизвика голем интерес кај македонските млади фудбалери и се надева дека ќе стане традиционален.
– Десет години го водиме кампот и многу сме горди што првпат сме во Македонија. Голема благодарност до Владата и Фудбалската федерација на Македонија кои ни даваат голема поддршка да го реализираме проектот. Ние сакаме да им овозможиме на дечињата и момчињата, од една страна фудбал, а од друга страна вредности како лидерство, тимска работа, автоконтрола и почит кон останатите – изјави Блеса на денешната прес-конференција.
Кампот на Реал Мадрид во Скопје ќе се одржи од 11-15 јуни.
ФОТО: EPA/YOAN VALAT