Хрватска силно ја поддржува позитивната одлука за отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и тоа во континуитет го истакнуваме, им го зборуваме на нашите партнери во ЕУ, рече министерот за надворешни работи Горан Грлиќ Радман на прес-конференцијата попладнево во МНР во Скопје, со неговиот домаќин, министерот Никола Димитров.
Тој додаде дека неговата посета коинцидира со позитивниот извештај за реформскиот напредок на земјава, истакнувајќи дека е тоа многу важен настан и позитивен знак дека Северна Македонија оди во добра насока.
– Секако, донесувањето на одлуката за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија ние го гледаме како вовед во самитот во мај во Загреб и ние сметаме дека самитот е клучната цел на нашето претседавање со Советот на ЕУ. Самитот „Европска унија – Западен Балкан“ ќе се одржи 20 години по Самитот во Загреб кој ја отвори европската перспектива за Хрватска и цела ЈИЕ и нашата желба е годинашниот загрепски самит да биде пресвртница во односите на ЕУ и земјите од Западен Балкан и дека тој ќе им го покаже јасниот пат на сите држави од ЈИЕ или Западен Балкан. Тоа е политички процес, Западен Балкан не е географски поим, не е ни политички поим, не е прецизен поим, тоа е политички процес – рече Радман.
Тој истакна дека Северна Македонија во Хрватска ќе има активен заговарач кој ќе дава секаков вид подршка зашто тоа, рече, ќе биде и успех за Хрватска, порачувајќи дека земјава ќе треба да ја исполнува својата работа, а Хрватска ќе бидеме и тогаш поддршка со нејзините искуства.
Северна Македонија, нагласи, заслужува да се почитува ветувањето и притоа рече дека не е лесно да се смени името на државата.
Министерот Никола Димитров смета дека има три нови елементи во однос земјите кои се скептични за проширувањето на ЕУ и дека допрва ќе се види нивниот став, особено во Холандија каде претстои парламентарна дебата.
– Има нова методологија која на земјите членки им дава поголемо влијание во процесот, воведува иреверзибилност, а и можност национални експерти, нивни експерти заедно со Комисијата да прават оценување и да прават извештаи за прогрес или немање прогрес. Вториот елемент се овие извештаи денеска објавени и конечно извесно поместување или позитивни сигнали од претседателот Макрон за време на Минхенската безбедносна конференција. Овие три нови елементи се контекстот во кој овие земји ќе ги носат своите одлуки – посочи Димитров.
Одговарајќи на новинарско прашање, Димитров рече дека според првичните реакции на земјите членки на ЕУ тие ценат дека нашиот извештај е реален што укажува, како што рече, дека работите што се направени ги имаме исполнето условите за почеток на пристапниот процес.
Европската Комисија (ЕК) претпладнето ги објави и официјално двата извештаја за реформскиот напредок на Северна Македонија и Албанија, наменети за земјите членки на Унијата да донесат одлука на крајот на овој месец за почеток на преговорите.
Во однос на диманиката за Албанија, Димитров рече дека тоа е одлука на земјите членки.
– Да бевме ние на масата, исто така ќе поддржевме отворање пристапни преговори со Албанија. Прво затоа што сме соседи. Второ затоа што тоа е добро за регионот, а трето тоа го заслужуваат – рече Димитров.
Целосен неуспех е, како што рече, ако нема ниту една позитивна одлука, по се ова што се направи изминативе години.
– Практично најголемата колатерална штета ќе биде токму на политиката на ЕУ во однос на нашиот регион. Ако има нула успех во следниве седмици и месеци тоа практично ќе биде знак дека вратата ЕУ ја затворила. Затоа влогот е многу, многу голем и сега ќе треба многу мудрост како од оваа комплексна ситуација да се извлече најдобро што може. И тука мислам дека нашите хрватски пријатели ќе бидат од голема помош – истакна Димитров.