Професор од Неготино наместо своето дете од трета година кое било на екскурзија, на државен натпревар однел дете од четврта година кое решавало во име на синот на професорот, по што матурантот, односно синот освоил трето место.
Реагирале родителите на матурантот, а за случајот бил известен и просветен инспектор и полиција.
Дека има случај за кој биле запознати Државниот инспекторат за образование и полицијата, за МИА потврдија од Инспекторатот.
– Во однос на Вашето прашање за одвивање на натпревар од електор струка на кој учестувале ученици и наставник од СОУ ,,Св. Кирил и Методиј ” – Неготино, Ве известуваме дека Државниот просветен инспекторат има постапувано по истиот по реакција на група родители, во текот на месец јули 2019 година. Од Државниот просветен инспекторат констатирани се повреди кои ги сторил наставник, менторот на учениците, издаден е прекршочен платен налог за наставникот согласно Законот за средно образование, кои се однесуваат на психичко малтретирање на ученик и истиот е реализиран – велат од Инспекторатот.
Со записник било констатирано дека е известено во МВР. Исто така до училиштето од страна на Државниот просветен инспекторат дадено било и укажување со записник, да се поведе дисциплинска постапка против наставникот.
Портпаролот на СВР Велес Додевски рече дека на 29 јуни гимназијата пријавила случај и се работи на него.