Не е спорно дека ние, луѓето, сме производ на повеќе од 3,5 милијарди години континуиран процес на еволуција на животот на оваа планета, во која суштинскиот механизам на преживувањето на живите видови е нивниот биолошки опортунизам, односно брзината и успешноста со која тие им се прилагодуваат на надворешните промени. Кај нас оваа брзина се претвори во способност за културни и социјални промени што во однос на биолошкото мутирање претставува безмалку незамисливо забрзување поголемо од илјадапати. Навистина, не постојат околности на кои човекот – и како индивидуа и како колектив – не е во состојба исклучително бргу да се адаптира. Оваа брзина е евидентирана уште во првите урбани цивилизации, но изгледа како забрзувањето да се зголемува со текот на времето, до денешните случувања.
Интересно е дека со зголемувањето на брзината на културните промени, се појавува кај луѓето една специфична психолошка прилагодба, всушност, две. И двете се неизбежни последици од биолошкото економирање на единствениот мозочен капацитет да ги перцепира, меморира, разбере и употреби нештата што му се случуваат.
Трошење време
Првата е површната утилитарност: почнавме да се интересираме и да учиме за нештата само толку колку што сметаме дека е неопходно за нивната употреба. Втората е первертирана невропсихолошка последица на првата: колку помалку знаеме за работите, толку повеќе ги употребуваме. И, третата произлегува од првите две, а тоа е дека пропорционално со зголемувањето на брзината на нашето „учење“ и прилагодување, ни се крати и паметењето.
Времето, предметот на паметењето, е еден од најубавите примери за кажаното: ниту најпаметните примероци на видот не успеаја да го сфатат времето, но целиот свет денес функционира врз основа на несфатливо прецизните часовници, кои се основниот елемент буквално на секој процес и машина во светот. Никој не знае што е времето, а сите суверено го трошиме!
Но, иако потполно несфатено, времето е вградено во самата срцевина на современиот капитализам, во кој е извршена таканаречената финансијализација на економијата, па најважната стока на пазарот станаа парите, всушност – позајмувањето на време. Ингениозен опис на оваа фундаментална измама наведува Жак ле Гоф од спис што потекнува дури од тринаесеттиот век и зборува за тогашните средновековни лихвари. „Лихварите се огрешуваат од природата на нештата, сакајќи парите да раѓаат пари како што коњот раѓа коњ или магарето магаре. Лихварите се при тоа обични крадци, зашто го продаваат времето што ним не им припаѓа, а продавањето на туѓа сопственост без знаење на нејзиниот сопственик е без секое сомневање кражба. И, така, бидејќи не продаваат ништо освен исчекувањето на парите, тоест времето, единственото што лихварите го продаваат се деновите и ноќите“. Ингениозно. При што, мора да забележиме, како што нè потсетува Хорват, дека во средниот век никој уште не спорел дека времето му припаѓа единствено на Господ, а денес тоа е практично единствениот предмет на трговија, отуѓување и присвојување од страна на финансиските институции – црквите на финансискиот капитализам.
Не е случајно, значи, нашето чувство дека со преголемото задолжување на земјата во погубната деценија на ВМРО, Груевски и бандата практично ни ја украдоа иднината, односно времето на нашите деца. Баталете го чувството за осет, почитувани читатели: вмро буквално ја отуѓи иднината на нашите деца, зашто тоа не е чувство, туку чиста математика. Бидејќи заемодавците продаваат време, нашиот долг е всушност нашето време, а кога го должиш идното време на своите деца што никогаш нема да можеш да го отплатиш, тоа значи дека не постои ниту нивната иднина. Нашиот долг е математички искажана иднината, зашто идното време е единственото време со кое денес (и кога и да е!) се врши финансискиот промет.
Простување долгови
Иднината е единствениот ресурс што финансискиот капитализам денес го експлоатира и натрупува, а иднината на граѓаните на библиската земја е точно онаа вредност што коруптивниот мафијашко-партиски државен капитализам на ВМРО ја украде и залудно и неповратно ја потроши.
Кога дојдов до неповратноста на нашиот безизглед, се сетив на обратната пропорција помеѓу неразбирањето и употребата на нештата, од почетокот на моево тетераво писание. Нели до скоро слушавме, почитувани читатели, како вмровците врескаат: „Не сакаме простување, сакаме амнестија!“ Е, зборот амнестија, и на старогрчкиот коине јазик и во денешната употреба, значи ништо друго до буквално – простување. При што, најважен детал од ова врескање не беше барање амнестија за злосторите што таа фашистичка партија ги направи крадејќи ја нашата и иднината на нашите деца!? Не, тие бараа амнестија само за „крвавиот четврток“, зашто општата амнестија, односно безусловното простување за крадењето на петте милијарди евра од нашата иднина, ја добија и од меѓународната заедница и од сите нас, уште во првиот миг од смената на власта.
Останува уште само ние да побараме амнестија, простување на нашиот јавен долг – барем во износ што ВМРО го украде, на што имаме право и според меѓународното законодавство – од нашите меѓународни пријатели, во чиишто банки се чува нашата отуѓена иднина. Хаха, би дал рака само да им ги видам фаците на кредиторите на вемерето, кога Република Северна Македонија би им побарала простување на јавниот долг што ним им го должиме! Многу би сакал и да им го чујам одговорот, но пусти желби: никогаш нема да имам можност да аплаудирам со една рака!