Претседателот на МОК Бах ја доби наградата за мир Чем-Папандреу

Олимписките игри покажуваат како светот би требало да изгледа, ако сите се водени од олимписките вредности, рече претседателот на Меѓународниот олимписки комитет по приемот на наградата.

86

За посветеноста, иницијативите и неговиот придонес за промоција на мирот преку спортот, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах ја доби Чем-Папандреу наградата за мир, која на свечена манифестација му ја врачи поранешниот грчки премиер Јоргос Папапандреу, јави дописничката на МИА од Атина.

– Оваа престижна награда сите нас не инспирира уште повеќе да го направиме светот подобар и помирно место преку спортот – рече Бах завршувајќи го неговото обраќање откако ја прими наградата.

Претседателот на Меѓународниот олимпискиот комитет, детално говореше за напорите и преговорите што ги водел за спортистите од Северна и Јужна Кореа, на зимските Олимписки игри во Пјонгјанг да маршираат под едно знаме. Рече дека Олимписките игри се инспирација за мир и разбирање за светот и може да отворат пат за дијалог.

– Олимписките игри не можат да ги спречат војните и конфликтите, но со зближување на луѓето во мирен натпревар, Олимписките игри покажуваат како светот би требало да изгледа, ако сите се водени од олимписките вредности – рече претседателот на Меѓународниот олимписки комитет.

Бах додаде дека приказната на Чем и Папандреу за промена на турско- грчките односи, е на многу начини е поврзана со Олимписките игри и нивното значење за надминување на пречките, постигнување на невозможното, зближување на луѓето.

Претседател на Социјалистичката интернационала и поранешен премиер на Грција, Јоргос Папандреу, во неговото обраќање при врачувањето на наградата на Бах, се потсети на 2001 година кога како министер за надворешни работи со неговиот тогашен турски колега Исмаил Чем на грчкиот остров Самос засадија маслиново дрво, сакајќи да ги постават корените на нивната визија за мир и да отворат нова ера во односите меѓу Грција и Турција.

Во 2004 во пресрет на Олимписките игри во Атина, Чем и Папандреу потпишале заедничка изјава за поддршка на МОК и повикот на ОН за олимписко примирје за време на ОИ, изјава која како што рече Папандреу, била потпишана од Бил Клинтон, Нелсон Мандела, Јасер Арафат, министрите за надворешни работи на Кина, Саудиска Арабија, Иран и над 40 шефови на европски влади.

Конкретната награда се доделува од 2015 на поединци и групи кои придонеле за промоција на мирот, во сеќавање на поранешниот шеф на турската дипломатија кој почина во 2007.

– Му придаваме чест на претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах за неговата посветеност и работа за помирен свет – рече Папандреу и додаде дека Бах ѝ даде модерно значење на античката грчка идеја за олимписко примирје.

Поранешниот грчки премиер ги објасни трите причини зошто токму Бах оваа година беше одбран да биде добитник на наградата за мир: за придонесот за светскиот мир во рамките на иницијативите за успешна организација на Зимските олимписки игри во Јужна Кореа, за иницијативата и бегалците да бидат вклучени во олимписките игри и за придонесот за ширење на идејата за олимписко примирје.

На свеченоста во конференциската палата „Запио“ во центарот на Атина, на присутните им се обрати и шефот на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос кој за Чем и Папандреу, рече дека постигнале нешто што многумина го сметаа за невозможно. Истакна дека тој лично верува во пријателството меѓу грчкиот и турскиот народ, бидејќи имаат многу заеднички работи.

– И секако спортот е она што ги зближува луѓето и генерално и поконкретно во рамките на Олимписките игри – рече Катругалос.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...